Два нови полначи за електрични возила во Ѓорче Петров: CoMoCo претстави модел за развој на локална е-мобилност

Точка

17/11/2026

16:40

98

Големина на фонт

а а а

Како локалните заедници можат да ја користат енергијата од обновливи извори за развој на електричната мобилност? Конкретен пример беше претставен на 16 ноември во Општина Ѓорче Петров, на настанот „Енергетски заедници во локалната самоуправа: Од соларна енергија до зелена мобилност “, организиран од Здружението Go Green, со финансиска поддршка од СмартАП преку регионалниот проект Community Mobility Co-operatives (CoMoCo).

На настанот беа промовирани два новопоставени полначи за електрични возила, со моќност од по 22 kW, инсталирани од Go Green на Општина Ѓорче Петров. Полначите се поставени на јавниот општински паркинг и е предвидено да се напојуваат со електрична енергија произведена од соларните панели на општинската зграда. На овој начин, локалното производство на обновлива енергија се поврзува со инфраструктурата за електрична мобилност. 

Од поставена инфраструктура до одржлив модел за е-мобилност 

Поставувањето на полначите е дел од поширока иницијатива за развој на енергетски заедници за е-мобилност. Во рамки на проектот CoMoCo, на настанот беа претставени и изработениот инвестициски план и бизнис моделот, кои треба да овозможат долгорочно и одржливо користење и управување со инфраструктурата. 


Предложениот модел предвидува вклучување на локалната самоуправа, граѓаните и деловните субјекти преку систем на регистрирани корисници и картички, со можност за повластени услови за користење на полначите. Целта е инфраструктурата да одговори на потребите на локалната заедница и да се создаде модел што може да се примени и во други општини. 

„Овој пример покажува дека енергетските заедници се остварлива реалност што може да се примени и во нашата држава. Со вистински бизнис модел, партнерство со локалната самоуправа и јасен инвестициски план, заедницата може да биде носител на промената кон зелена транзиција и да донесе придобивки за локалното население“, истакна Милена Игњатова, програмски менаџер во СмартАП – Лабораторија за социјални иновации. 

За значењето на иницијативата говореше и Дарко Арсовски Петровски од Go Green. 

„Проектот CoMoCo има за цел да развие практичен и одржлив модел кој може да се примени и на други локации и во други општини“, изјави Арсовски Петровски. 


Искуството од Ѓорче Петров како пример за други општини 

Иницијативата во Ѓорче Петров се развива во рамки на Community Mobility Co-operatives (CoMoCo), регионален проект што ги поддржува заедниците во Југоисточна Европа во развојот на модели за електрична мобилност. 

Проектот ги поврзува искуствата од различни земји за да се развијат практични решенија што одговараат на локалните потреби. Инвестицискиот план и бизнис моделот изработени за Ѓорче

Петров ќе бидат претставени и во други општини во Северна Македонија, како и во земјите вклучени во проектот, со цел да се разгледаат можностите за примена на слични модели. 

CoMoCo се спроведува преку партнерство меѓу Korimako од Словенија, СмартАП од Северна Македонија, Platform for Energy Transition од Србија, асоцијацијата Orașe Energie од Романија и Универзитетот во Љубљана. 

Проектот е поддржан од European Climate Initiative (EUKI) и германското федерално министерство за животна средина, климатски активности и заштита на природата. 


Поддршка од локалната самоуправа 

На настанот, градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Александар Стојковски, ја поздрави реализацијата на активностите и ја истакна поддршката на општината за развој на енергетски заедници и инвестиции во обновливи извори на енергија, од кои придобивки ќе имаат и општината и граѓаните. 

Со поставените полначи и развиениот инвестициски план и бизнис модел, иницијативата во Ѓорче Петров претставува конкретна основа за понатамошен развој на е-мобилноста преку енергетски заедници. Следниот предизвик е моделот да се примени во практика и стекнатото искуство да им биде достапно на другите општини што сакаат да развиваат слични решенија. 

Повеќе информации за проектот CoMoCo: https://mobility.innovationlab.mk