Црвениот крст на град Скопје ги повикува заинтересираните кандидати да се пријават за сертифицирана обука, по која е предвидено и индивидуално интервју.
Црвениот крст на град Скопје распиша конкурс за обука за негувател или негувателка за помош и нега на стари лица. Пријавувањето трае од 16 до 30 ноември, според повикот објавен од Општина Гази Баба.
Кандидатите треба да бидат државјани на Македонија, да имаат над 18 години, завршено најмалку основно образование и општа психофизичка способност за работа. Се бара и мотивираност за работа со стари и немоќни лица.

Обуката е сертифицирана и ја спроведува Црвениот крст на град Скопје во соработка со Светската банка. Секој заинтересиран кандидат ќе биде повикан на индивидуално интервју.
Пријавувањето е преку електронската адреса skopje.negacentar@redcross.org.mk или на телефонот 070 352 246.
Во повикот е нагласено дека услугата „Помош и нега во домот“ сè уште е во фаза на воспоставување. Услугата не е достапна за корисници додека не бидат обезбедени потребната лиценца и дозвола за работа.








