Во Собранието одбележани 35 години од донесувањето на Уставот

Макфакс

17/11/2026

14:50

327

Големина на фонт

а а а

Во Собранието беше одбележана 35-годишнината од донесувањето на првиот Устав на независна Македонија, со обраќања од претседателот на Собранието, директорот на архивот, и други значајни личности, како и проекција на документарен филм и панел-дискусии за важноста на Уставот во развојот на државата.

Денеска, во Собранието, се одржа настан по повод – „35-годишнина од осамостојувањето и донесувањето на првиот Устав“, во организација на Собранието, ЈНУ Институт за национална историја и Државен архив.

Прв свое воведно обраќање имаше претседателот на Собранието, Африм Гаши.

„ 8 Септември 1991 година и 17 Ноемврии истата година се два неразделни настана во современата историја на државата, бидејки на првиот датум се одржа референдумот, а на вториот беше донесен Уставот на независна Македонија со што на најјасен начин беше изразена политичката волја на граѓаните и нејзината институционализација преку уставниот поредок. Со тој Устав, покрај политичкото прогласување на државноста, Македонија го дефинираше и својот државен идентитет и го задеде своето место меѓу суверените, независни, демократски и социјални држави, станувајки правна држава заснована на владеење на правото, човековите слободи и права, политичкиот плурализам и евроатлантската определба“ – истакна Гаши.

По говорот на претседателот Гаши, следуваше документарен филм „35 години од донесувањето на првиот Устав“

Директорот на Државниот архив, Димитар Богески, во своето обраќање истакна дека архивските извори претставуваат основа за разбирање на генезата на сопствената држава, нејзиниот политички и правен развој, како и сведоштво за историските процеси поврзани со независноста. Тој нагласи дека Државниот архив претставува институционална меморија на државата и значаен столб на правната сигурност и непреченото функционирање на државните органи.

Директорот на ЈНУ Институт за национална историја, Митко Панов, во своето обраќање се осврна на историските случувања во текот на дваесеттиот век, посочувајќи го нивното значење за разбирањето на современите државни процеси. Притоа, ја истакна и важноста на денешниот настан, нагласувајќи дека „Уставот е темелна заштита на идентитетот и достоинството на граѓаните“.

Претседателката на државата, Гордана Силјановска-Давкова, се осврна на својот личен придонес во процесот на донесувањето на Уставот, истакнувајќи дека тој бил усвоен со 92 гласа „ЗА“ и 22 „ПРОТИВ“, што, според неа, го потврдува неговиот цврст демократски легитимитет. Таа говореше и за уставните измени и промените низ кои Уставот поминал од неговото донесување до денес.

Осврнувајќи се на значењето на Уставот во современото општество, претседателката го истакна неговото место како најважен општествен договор меѓу граѓаните, повикувајќи се на мислата на Жан-Жак Русо.

Во рамки на денешниот настан ќе се одржат и панел-дискусии, како и меѓународен научен симпозиум, на кои учесниците ќе имаат можност да разменат научни сознанија, ставови и искуства, отворајќи дискусија за историските, правните и општествените аспекти на донесувањето на Уставот и неговото значење во развојот на државата.