Криминални структури од Македонија, по директни насоки на ирански државјанин за кој постојат сомнежи дека е поврзан со разузнавачки мрежи на Иран, преземале подготвителни и логистички активности за извршување терористички акт – атентат врз однапред определено лице на територијата на Грција.
Детали за случајот откри директорот на Агенцијата за национална безбедност (АНБ), Бојан Христовски, кој соопшти дека операцијата за откривање и разбивање на мрежата траела околу девет до десет месеци.
Според Христовски, АНБ спровела низа оперативно-технички и аналитички активности преку кои била разоткриена мрежа на територијата на Македонија, за која се утврдило дека е поврзана со иранскиот државјанин Едрис Јахангири Маванех. Истрагата, според објавените информации, открила активности насочени кон создавање услови за извршување на планираниот напад во соседна Грција.
„Во однос на македонската мрежа, станува збор за лица етаблирани во криминални структури во земјава кои по директни насоки на иранскиот државјанин преземаат подготвителни логистички активности за извршување на терористички акт, атентат врз претходно дефинирано лице, таргет лоциран во Грција“, изјави Христовски.
Христовски посочи дека Маванех бил поврзан и со други лица кои се од интерес за безбедносните служби, меѓу кои и иранскиот наркобос Наџи Шарифи Зинташки.
Според сознанијата на АНБ, Маванех располага со широка мрежа на посредници и контакти, а постојат индиции дека е можно да соработувал и со иранските безбедносно-разузнавачки служби.
Во координација со странски партнерски служби, биле откриени и начинот на функционирање на мрежата, како и методите преку кои членовите ги одржувале меѓусебните контакти. Меѓу утврдените активности биле и тајни средби организирани во трети земји, вклучително и на територијата на Иран.

„Во координација и размена со странски партнерски служби беше разоткриен нивниот модус операции за одржување на конспиративни средби на територија на трети земји, вклучително и Иран, при што беа потврдени конекциите со иранскиот државјанин Маванех, кој е главен носител на планираната терористичка операција“, објасни директорот на АНБ.
На новинарско прашање дали постојат сознанија дека мрежата подготвувала напади и на територијата на Македонија, Христовски одговори дека такви информации нема.
„Информации за било какво постапување од страна на било терористички мрежи, активности поврзани со Иран, каде што таргет би биле лица од Македонија, немаме информација, односно немаме информација дека било какво нешто се спрема на територија на државава“, изјави Христовски.
Директорот на Бирото за јавна безбедност, Александар Јанев, информираше дека во рамките на случајот на четири лица им е определен притвор, едно лице е во куќен притвор, додека шестото сè уште е недостапно за органите на прогонот.

„На 4 лица, според информациите што ги имаме како служба, како Биро за јавна безбедност, на 4 лица им е одредена активна мерка притвор на 1 лице, му е одредена мерка куќен притвор. Шестото лице, како што кажав, не е достапно сè уште на органите за прогонот и по него активно се трага“, изјави Јанев.
Од АНБ најавуваат дека ќе продолжат активностите за идентификување лица поврзани со иранските посреднички мрежи и спречување потенцијални терористички активности, во соработка со домашните институции и странските партнерски служби.
*Насловна фотографија - AI илустрација
















