Двајца полски амбасадори во Кина и Романија поднесоа оставки како реакција на кризата во полскиот Уставен суд, која нагло ескалираше во Варшава и создаде политички тензии и протести.
Полските амбасадори во Кина и Романија поднесоа оставки како реакција на спорот во Варшава околу полскиот Уставен суд, што нагло ескалираше од синоќа и во текот на ноќта, јави ДПА.
„Со оглед на обидот за незаконско преземање на Уставниот суд, повеќе не гледам можност да продолжам да ја извршувам функцијата амбасадор на Република Полска во Романија“, напиша утрово на Икс, Павел Солох, амбасадорот во Букурешт.
Неколку часа претходно, неговиот колега во Кина, Јакуб Кумох, исто така на Икс објави дека повеќе не може да ја извршува амбасадорската должност, наведувајќи слични причини.
Според полската државна агенција ПАП, двајцата дипломати претходно работеле за Анджеј Дуда, кој беше претседател во периодот од 2015 до 2025 година.
Како и неговиот наследник Карол Навроцки, и Дуда беше тесно поврзан со конзервативната партија „Право и правда“ (PiS), која владееше со Полска од 2015 до 2023 година и во Уставниот суд именуваше судии кои беа политички блиски до оваа партија.
Навроцки го прекина планираното патување во Сенегал и синоќа се врати во главниот град, во момент кога тензиите се зголемија поради објава на интернет-страницата на судот дека неговиот претседател, Богдан Швјенчковски, и неговиот заменик се суспендирани и привремено разрешени од должност.
Стотици демонстранти синоќа се собраа пред судот, протестирајќи против можноста Ана Корвин-Пјотровска, една од петте судии што неодамна беа именувани од актуелниот парламент, но чие назначување Навроцки го отфрли, привремено да го замени Швјенчковски.
Полицијата ја опколи зградата, но Навроцки, сепак, успеа да влезе во неа по пристигнувањето.
Левоцентристичката владејачка коалиција, предводена од премиерот Доналд Туск, која дојде на власт во 2023 година, се обидува да ги поништи контроверзните промени во правосудниот систем што беа воведени за време на владеењето на партијата „Право и правда“ (PiS).












