Со години ја граделе Германија, а денес се изложени на ризик од сиромаштија: Тешката судбина на гастарбајтерите

Точка

30/10/2026

21:16

430

Големина на фонт

а а а

Германија и Турција на 30 октомври 1961 година склучиле договор за привремено ангажирање работна сила. Некои од гастарбајтерите платиле висока цена за тоа, а денес се изложени и на ризик од сиромаштија.

Местото на одржување на свеченоста не било избрано случајно: на аеродромот во Дизелдорф, премиерот на германската покраина Северна Рајна-Вестфалија, Хенрик Вист, во средината на септември им се заблагодарил на луѓето кои пред 65 години излегле од авионите токму на тоа место. Станува збор за гастарбајтерите од првата генерација, кои се осмелиле да се впуштат во авантура, ја напуштиле својата татковина и на крајот дале свој придонес за просперитетот на Сојузна Република Германија.


До запирањето на вработувањето во 1973 година, во Германија пристигнале околу 870.000 Турци и Турчинки. Тие работеле во рудници, на производствени ленти во фабрики или ги чистеле фабричките хали. Повеќето од нив останале во Германија и таму пронашле нов дом.

„Ја направивте нашата земја поразновидна, поотворена и посилна“, ги пофалил Вист, но истовремено јасно порачал: „Дури кога името, бојата на кожата и верата повеќе нема да играат никаква улога, ќе ја постигнеме целта“.

Сепак, Германија сè уште е прилично далеку од тоа, изјавил за„ Дојче веле“ (ДВ) Хаџи-Халил Услуџан, бидејќи и 65 години подоцна, луѓето со турско потекло сè уште се соочуваат со голема дискриминација.

Сепак, според неговите зборови, договорот за вработување претставува успешна приказна.


„Во многу области бележиме успеси, на пример во образованието. Денес имаме голем број лица со турско потекло кои завршиле факултет, а забележуваме и професионален напредок. Имаме и политички напредок, на пример премиерот на Баден-Виртемберг, Џем Оздемир“, изјавил тој.

Сиромаштијата кај пензионираните мигранти е значително поголема

Самиот Услуџан е совршен пример за тоа. Неговиот татко во 1971 година пристигнал од Турција во Берлин и работел во текстилната индустрија, а две години подоцна ги довел и сопругата и двајцата синови.

Хаџи-Халил Услуџан докторирал психологија и денес работи на Универзитетот Дуизбург-Есен како професор по современи студии за Турција.

Една од неговите најнови истражувачки теми се однесува на негативните последици од договорот за вработување, кои погодуваат и оптоваруваат многу поранешни гастарбајтери.


Најголемиот проблем е осаменоста кај повозрасните доселеници. Но, тоа не е единствениот проблем што сè повеќе ги загрижува некои пензионери со турско потекло.

„Истражувањата покажуваат дека сиромаштијата меѓу пензионираните мигранти е двојно поголема – меѓу 25 и 30 отсто, во споредба со 12 до 14 отсто кај Германците. Стапката на инвалидитет и предвремено пензионирање кај мигрантите е значително повисока, бидејќи првата генерација главно извршувала многу тешки физички работи“.

Според Услуџан, веројатноста овие лица да останат без работа десет години пред да ја достигнат возраста за пензионирање е двојно поголема.

„Покрај тоа, тие имаат пониски месечни примања, често имаат прекини во работниот стаж и работеле во сектори со ниски плати. Последица од тоа се ниските пензии“.

Пензиите во просек се пониски за 360 евра

Посебна анализа на Германското пензиско осигурување открива загрижувачки податоци: пензионерите со турско државјанство во Германија во просек добиваат околу 360 евра пониска пензија од германските пензионери.

На крајот на 2025 година, нивната просечна месечна пензија изнесувала 890 евра, во споредба со 1.250 евра кај германските пензионери.

Уште позагрижувачки е фактот што уделот на лицата со турско државјанство кои во Германија добиваат основна социјална помош за пензионери, во јуни 2026 година бил повеќе од трипати поголем отколку кај Германците и изнесувал 9,3 отсто, во споредба со 2,7 отсто.

Социологот Ерик Зајлс од Фондацијата „Ханс Беклер“ во Дизелдорф за „Дојче веле“ (ДВ) изјавил дека многу гастарбајтери биле повозрасни кога пристигнале во Германија и дека поради тоа пократко време уплаќале придонеси за пензиско осигурување.


Тој укажал и на уште еден проблем: „Гастарбајтерите кои доаѓале во Германија често веднаш започнувале да работат во фабрики, рудници или во градежништвото. Таму немале високи саатници, бидејќи често биле со пониско образование од Германците“.

Промените во индустријата што започнале во раните 70-ти години, како и нафтената криза, дополнително придонеле многу гастарбајтери да ги загубат своите работни места.

„Повеќе немаше толку многу добри работни места во традиционалната индустрија. Оние кои немаа добро образование полесно остануваа без работа отколку пообразованите луѓе. Истото им се случуваше и на Германците. А кога работниот стаж е прекинат, тоа, се разбира, подоцна се одразува и врз висината на пензијата“, објаснил тој.

Гастарбајтерите имале малку можности за дополнителна квалификација

И Јанина Зен од Институтот за социолошки истражувања во Гетинген (SOFI), при Универзитетот „Георг Август“, се занимавала со прашањето за сиромаштијата кај мигрантите во староста.

Нејзиниот заклучок е дека фактот што речиси една третина од пензионираните мигранти се изложени на ризик од сиромаштија претставува голем проблем во Германија.

„Оваа група е уште посилно погодена отколку, на пример, жените воопшто, кои и самите се изложени на зголемен ризик од сиромаштија. А кога ќе ги погледнеме мигрантките кои живеат сами, бројките се навистина алармантни. Доколку не постоеше поддршката од семејството, ситуацијата ќе беше уште многу полоша и потажна“, објаснила таа.


Пензионерите со турско државјанство немаат ниту големи можности за дополнителна заработка. Причината е или тоа што нивните, главно ниски квалификации не се доволни, или тоа што поради тешката физичка работа во младоста повеќе не се физички способни за дополнителна работа.

Според податоците на Сојузната агенција за вработување, нивната стапка на вработеност изнесува само половина од стапката кај Германците – 5,2 отсто наспроти 10,8 отсто.

Зен додала дека станува збор за цела низа неповолни околности и животни тешкотии.

„Германија ја донесе генерацијата гастарбајтери тука, но тие ги работеа најтешките работи, додека домашното население делумно имаше можност дополнително да се образува и да стекнува нови квалификации“, нагласила таа.

Сепак, за гастарбајтерите не постоеле програми за дополнително стручно усовршување, истакнала оваа научничка.

„Луѓето кои извршуваа тешки работи, неопходни за секоја економија, за тоа платија со сопственото здравје“, заклучила Зен.

Фото: Дојче веле