[ВИДЕО] Дали над 50 милиони евра се префрлаат преку „Алта банка“ во Македонија, зошто Мицкоски и Славески молчат, прашува Жерновски

Макфакс

30/10/2026

12:30

91

Големина на фонт

а а а

Андреј Жерновски раскажува за молкот на премиерот Мицкоски и гувернерот Славески околу сомнежите за префрлање на над 50 милиони евра преку „Алта банка“ во Македонија, која е забранета на пазарите на Европската Унија поради сомнеж за перење пари и безбедносни ризици.

Сакаме да направиме сублимат на она што се случуваше изминатите пет дена, поврзани со случувањата кај нашиот северен сосед, и денеска сакаме да зборуваме и да ги поставиме прашањата на коишто нашиот премиер Мицкоски упорно и упорно одбегнува да даде одговори. Сведочиме за громогласен молк од страна на премиерот, истакна на прес-конференција Андреј Жерновски од СДСМ.

Сведочиме, вели тој, за молчење, за сето она што се случува по падот на неговиот ментор Вучиќ.

„Сведочиме за еден можевме и вчера да го видиме на една дебата, односно не е дебата, туку гостување на телевизија, гледам еден уплашен политичар којшто зборува за сè, но не зборува за она што сите го прашуваат.

Не зборува за криминалот, за криминалните пари и за тоа кој овозможи „Алта банка“ да влезе и кои сега овозможуваат пари да се трансферираат од Белград до Скопје и преку Скопје до Москва.

Гледаме молк, што е исто така многу страшно, и од гувернерот Трајко Славески.
Гледаме молк и од обвинителството и затоа денешната прес-конференција е крајно сериозна.

Затоа што тоа што се случува со премиерот, со нашата држава, со обвинителството, со Народна банка е нешто што не можеме да го премолчиме и не смееме да го премолчиме“.

Жерновски предупредува дека како што рече, огромна сума на пари се префрла од „Алта банка“ Србија во „Алта банка“ Македонија и премиерот и гувернерот, реагира тој, упорно молчат.

„Да не заборавиме дека влезот на „Алта банка“ во Македонија е со знаење, со одобрување и со одлука токму на Мицкоски и на Трајко Славески и затоа тие се најповикани да одговорат што се случува денеска, бидејќи одговорот на тоа прашање го очекуваат не само нашите граѓани, туку го очекуваат сите и во регионот. Но тука упорно се молчи.

Која е „Алта банка“? Да потсетиме, тоа е банката на којашто Централната европска банка ѝ забрани пристап на пазарот во Европската Унија поради три причини. Поради сомнеж во потеклото на парите, поради перењето на парите и поради тоа што тоа претставува безбедносен ризик за целиот регион.

И на таа и таква банка, на којашто ѝ се оневозможува влез во Европската Унија, на европскиот пазар, некој, односно тие некои се Мицкоски и Трајко Славески, овозможуваат такви пари, таква банка да влезе во нашата држава.

Во меѓувреме, ова е крајно сериозен податок: преку свиркачи, СДСМ дојде до информација дека наназад, по влезот на Алта банка во Македонија, институциите во Македонија, вработените во тие институции и компаниите коишто добиваат тендери се терани усно да работат преку Алта банка“.

Ова вели Жерновски, значи дека Македонија е директно инволвирана во оваа криминална мрежа со криминални пари и затоа предупредува дека не може понатаму да се молчи на ова прашање.

„Верувале или не, според последните информации коишто доаѓаат од соседна Србија, од централата на „Алта банка“ во Белград се префрлаат фрапантни над 50 милиони евра во „Алта банка“ Македонија.

И некој упорно молчи за тоа. Упорно молчи за тоа како станавме дел од криминална мрежа на криминални пари, на криминални политичари.

Стратегијата на Мицкоски е јасна. Тој молчи затоа што мисли на тој начин дека ќе помине сето ова, секое чудо за три дена и така натаму.

Но молчеше за петте тони дрога. Еве, почнува истрагата. Молчеше за кинеските пари коишто ги добивме од Унгарија преку кредитот од една милијарда евра. Ете ги истрагите во Унгарија.

Така што, му сугерираме да не молчи, туку веднаш да излезе пред граѓаните и да каже за потеклото на овие криминални пари“.