Средбата меѓу министерот Тимчо Муцунски и унгарскиот специјален пратеник Андраш Клеин беше посветена на зајакнување на стратешката соработка и продолжување на унгарската поддршка во процесот на европска интеграција на Западен Балкан.
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска оствари средба со новоназначениот специјален пратеник на Министерството за надворешни работи на Унгарија за Западен Балкан, амбасадорот Андраш Клеин.
На средбата беше изразено задоволство од континуираниот развој на односите и одличната соработка меѓу двете земји, кои во 2025 година беа издигнати на ниво на стратешка соработка меѓу двете влади. Притоа, беше потврдена заедничката заложба за натамошно продлабочување на партнерството во областите од заемен интерес.
Посебен акцент беше ставен на важноста од кредибилен и динамичен процес на проширување на Европската Унија, како значаен поттик за стабилноста, реформите и развојот на Западен Балкан. Во таа насока, беше изразено очекување за продолжување на унгарската поддршка на европската перспектива на регионот.
Соговорниците разменија мислења и за актуелните состојби на Западен Балкан, при што ја нагласија заедничката заложба за зачувување и унапредување на мирот, безбедноста и стабилноста во регионот, особено во контекст на актуелните глобални и безбедносни предизвици.








