Хоџа: Климатската акција бара конкретни мерки, инвестиции и заедничка одговорност

Макфакс

30/10/2026

12:10

120

Големина на фонт

а а а

Министерот за животна средина и просторно планирање Муамет Хоџа учествуваше на национален дијалог посветен на забрзување на климатската акција. Во фокусот беше значењето на конкретни мерки, инвестиции и меѓународна соработка за постигнување на националните климатски обврски и поддршка на зелената транзиција.

Министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа, денеска учествуваше на националниот дијалог „Забрзување на климатската акција: Национален дијалог на патот кон COP31“, организиран од Министерството за животна средина и просторно планирање и Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП).

Во рамки на настанот се одржа панел-дискусија во која покрај министерот Хоџа учествуваа претседателката на Република Северна Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова, министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, постојаниот претставник на УНДП, Армен Григорјан, и Даме Димитровски, советник на претседателот на Владата за животна средина и клима. На настанот присуствуваа и претставници на институциите и експерти од областа на климатските промени.

Во своето обраќање, Хоџа истакна дека климатските обврски мора да се преточат во конкретни мерки и мерливи резултати. Тој ги посочи унапредувањето на националното климатско планирање, подготовката на Законот за климатска акција и јакнењето на системот за следење и известување како важни чекори кон поодговорна и поефикасна климатска политика.

Хоџа нагласи дека за забрзување на климатската акција се потребни силни институции, координација, инвестиции и соодветна меѓународна поддршка.

Климатската политика, истакна тој, е важна и за зелената транзиција, енергетската сигурност и одржливиот економски развој.
Националниот дијалог е дел од подготовките на земјата за Конференцијата на ОН за климатски промени COP31, која ќе се одржи во Анталија, Турција, од 9 до 20 ноември 2026 година.