Величковски: Една година од интеграцијата во СЕПА – заштеди од 5 милиони евра, побрзи и поевтини прекугранични плаќања

Макфакс

30/10/2026

09:16

145

Големина на фонт

а а а

Вицегувернерот на Народната банка, Игор Величковски, истакнува дека една година од интеграцијата на Македонија во системот СЕПА донесе значителни заштеди, побрзи и поевтини прекугранични плаќања, како и подобрување на економската конкурентност и финансиската вклученост.

Интеграцијата во Единствената област за плаќања во евра (СЕПА)

веќе носи практични придобивки за граѓаните и за деловните субјекти, а истовремено нуди и дополнителен потенцијал за зајакнување на економијата преку иновации, дигитална трансформација, поголема конкурентност и подобрена финансиска вклученост, вели вицегувернерот во Народната банка Игор Величковски, во публикација за Европскиот совет за плаќања, по повод една година од интегрирањето на земјава во СЕПА.

Резултати од првата година од користењето

вицегувернерот наведува дека за граѓаните, испраќањето 500 евра во земја на СЕПА е во просек шест пати поевтино отколку според моделот на кореспондентно банкарство, додека трошоците за добивање таков трансфер се намалени за половина. Испраќањето на 20.000 евра од бизнисите до договорна страна на СЕПА сега чини девет пати помалку според системот СЕПА, со видливи намалувања и на страната на примачот. За завршување на плаќањата во евра претходно беа потребни од еден до три работни дена, а трансакциите преку СЕПА сега се обработуваат во истиот работен ден или, најдоцна, до следниот работен ден – информира Величковски.

Плаќањата преку СЕПА бележат постојан пораст, што, потенцира вицегувернерот, покажува дека пазарот е добро подготвен за обезбедување на овие услуги и оти корисниците сè повеќе ја препознаваат нивната практична вредност.

Величковски укажува и на улогата на банкарскиот сектор со обезбедениот широк пристап до СЕПА-услугите за корисниците низ целата земја. Најновите податоци покажуваат дека СЕПА каналот веќе опфаќа речиси 70 отсто од трансакциите, според бројот на влезни и излезни текови, што, резултира со значителни заштеди на банкарските провизии, проценети на околу 5 милиони евра во текот на првата година од учеството во СЕПА. Тоа се директни финансиски заштеди за домаќинствата и бизнисите, создавајќи дополнителни можности за инвестиции и локален раст, како и потенцијално зајакнување на конкурентноста, особено за малите и средните претпријатија и извозниците, вели вицегувернерот Величковски.

Тој оценува дека досега има значително зајакнување на ценовната конкуренција, додека промените во бројот и разновидноста на учесниците на пазарот се одвиваат постепено. Надоместоците за СЕПА-трансакциите значително се намалија, а цените кај различните даватели на услуги станаа сè поконкурентни – вели Величковски.

Приоритет на Народната банка се инстант плаќањата како следен голем чекор во посветеноста за модернизацијата на националниот платен систем.

Вицегувернерот Величковски порачува дека преминот кон инстант плаќањата и усогласувањето со европските регулаторни стандарди не претставуваат само реформа на финансискиот сектор, туку стратешки чекор кој овозможува побрз економски раст и подлабока интеграција на земјата во европските и глобалните текови.