Општина Крива Паланка објави јавен повик за изнајмување новогодишни куќарки на Градскиот плоштад, со цел локални бизниси и производители да учествуваат на новогодишниот базар со богата празнична понуда.
Општина Крива Паланка го објави јавниот повик за пријавување интерес за изнајмување новогодишни куќарки во рамки на новогодишниот базар, кој ќе се одржува на Градскиот плоштад од 1 декември 2026 до 10 јануари 2027 година.
Во пресрет на празниците, плоштадот ќе понуди простор за празнични вкусови, уникатни подароци и дружење, а локалните бизниси, производители и креативци ќе имаат можност со својата понуда да ја збогатат новогодишната атмосфера во градот, велат од Општина Крива Паланка.
Јавен повик
Повикот е наменет за сите заинтересирани угостители, занаетчии, трговци и локални производители, кои можат да пријават понуда со следните содржини:
• Топли пијалаци – кафе, чај, топло чоколадо и варено вино.
• Слатки задоволства – палачинки, вафли, мини крофни, медењаци и новогодишни колачиња.
• Храна и домашни специјалитети – колбаси, хот-дог, скара, сендвичи, печива, зелник и мекици.
• Зимски вкусови – печени костени, пуканки и јаткасти плодови.
• Локални производи – мед, слатко, џемови и чаеви.
• Подароци и украси – ракотворби, сувенири, накит, свеќи, новогодишни декорации и персонализирани подароци.
• Детска понуда – играчки, сликовници, креативни сетови и новогодишни пакетчиња.
Добредојдени се и други предлози за содржини соодветни на новогодишниот базар, кои ќе придонесат за разновидна и привлечна празнична понуда.
Пријавување
Пријавувањето интерес се врши во Одделението за урбанизам и заштита на животната средина при Општина Крива Паланка. Заинтересираните треба да наведат име на фирмата или излагачот, податоци за контакт и краток опис на производите и содржините што ги нудат.
Општина Крива Паланка ги охрабрува локалните бизниси, производители и креативци да ја искористат можноста за промоција и продажба на своите производи и да бидат дел од празничната приказна во срцето на градот, се додава во соопштението.












