Фосили стари околу 15,5 милиони години, пронајдени во јапонската префектура Гунма, се идентификувани како нов вид кит кашалот, кој го добил научното име „Miophyseter gunmaensis“.
Откритието нуди нови сознанија за еволуцијата на овие морски цицачи и развојот на нивната способност за нуркање на големи длабочини.
Новиот вид поседувал комбинација од карактеристики на денешните китови кашалоти и нивните древни сродници. Додека современите кашалоти нуркаат на големи длабочини и го вшмукуваат својот плен, нивните предци повеќе се потпирале на забите и ловеле во поплитки води.
Ловеле и на големи длабочини и во плитки води
Истражувачите утврдиле дека „Miophyseter gunmaensis“ имал голема вдлабнатина во черепот, за која се претпоставува дека му помагала да го издржи притисокот на водата при нуркање на поголеми длабочини.
Исто така, имал добро развиени подјазични коски, кои му овозможувале да го вшмукува пленот. Сепак, за разлика од денешните китови кашалоти, имал повеќе заби, што укажува на тоа дека можел да го комбинира вшмукувањето со фаќање на пленот со забите.
Оваа комбинација од карактеристики би можела да им помогне на научниците подобро да разберат како во текот на еволуцијата се развивале способностите на современите китови кашалоти за лов на големи длабочини.
Фосили откривани во период од речиси две децении
Остатоците од три единки биле пронајдени меѓу 1994 и 2011 година, благодарение на локални љубители на фосили кои ги истражувале подрачјата долж притоките на реката Тоне во префектурата Гунма.
Еден од примероците претставува речиси целосен скелет на животно за кое се претпоставува дека било младенче долго меѓу три и четири метри. Со споредување на остатоците, истражувачите утврдиле дека припаѓаат на ист, досега непознат вид.

Научниот труд за откритието бил објавен во списанието „Journal of Vertebrate Paleontology“ (Журнал оф вертебрејт палеонтолоџи). Станува збор за третиот новооткриен вид кит кашалот идентификуван врз основа на фосили во Јапонија.
Фосилите се изложени во Природонаучниот музеј на префектурата Гунма, во градот Томиока, каде што посетителите ќе можат да ги видат до 13 декември.











