Ѕвездата на популарната турска серија во центарот на скандал: Во примерокот од нејзината коса пронајдени траги од кокаин

Точка

19/10/2026

16:20

347

Големина на фонт

а а а

Турската актерка Афра Сарачоглу, која публиката ја познава по улогата на Сејран во серијата „Женкар“ (Yalı Çapkını) се најде во центарот на скандал откако во примерок од нејзината коса биле пронајдени траги од кокаин.

Тестовите на крвта и урината биле негативни, а актерката тврди дека никогаш не користела дрога.

Како што пренесуваат турските медиуми „Халк ТВ“ и „Енсонхабер“, Главното јавно обвинителство во Бакирќој води истрага за употреба на наркотици меѓу познати личности од светот на уметноста и спортот.


Во акцијата на жандармеријата на 18 септември биле приведени 18 лица.

Сарачоглу во тој момент не била во Турција, па била приведена по враќањето од Франција, на аеродромот во Истанбул.

Таа била упатена во Институтот за судска медицина, каде што ѝ биле земени примероци од крв, урина и коса, по што била пуштена на слобода.

Според наодите на Институтот, во примерокот од косата бил пронајден кокаин, додека во крвта и урината не биле откриени траги од наркотични супстанции.

Анализата на косата може да укаже на изложеност на одредени супстанции во подолг временски период, додека анализите на крвта и урината главно укажуваат на понова употреба.


Актерката се огласила на социјалните мрежи и категорично негирала дека користела дрога.

„Апсолутно сум против употребата на недозволени супстанции. Во мојот живот нема место за нив и никогаш нема да има“, напишала Сарачоглу.

Таа објаснила дека, според информациите што ги добила, поради природата на нејзината работа и присуството на големи настани, можно е трагите во косата да се резултат на пасивна изложеност или контакт со супстанцијата, без нејзино знаење.

Додала дека самоиницијативно се вратила од странство, дека соработува со правосудните органи и дека при претресот на нејзиниот стан не било пронајдено ништо спорно.


Траги од дрога пронајдени и кај други познати личности

Освен кај Сарачоглу, траги од дрога биле пронајдени и кај актерките Мелиса Шенолсун и Ајдан Османли, како и кај поранешниот фудбалер Хасан Шаш.

Шенолсун, исто така, соопштила дека за резултатите од тестирањето дознала „со зачуденост“ и дека не користи дрога.


Тестовите на актерите Арас Булут Ијнемли, Мелис Сезен и Јешим Јешилчимен, раперот Сефо и новинарот Јагиз Сабунџуоглу биле негативни.

Истрагата против познатите личности во Турција трае од декември 2025 година, кога биле приведени и пејачката Алејна Тилки, актерката Ирем Сак и инфлуенсерката Данла Билиќ.