[ВИДЕО/ФОТО] Калиопи со спектакуларен концерт во Скопје: Три часа музика, емоции и неверојатна енергија - ја испеа „Обои ме“ со Слаткаристика, пееше и со 8-годишно момче на сцена

Точка

18/10/2026

11:16

1.223

Големина на фонт

а а а

Калиопи уште еднаш докажа дека нејзиниот глас, енергија и харизма се безвременски. Во преполната арена „Борис Трајковски“ во Скопје, македонската поп-дива приреди спектакуларен концерт што траеше речиси три часа, исполнет со безвременски хитови, силни емоции, музички изненадувања и моменти што долго ќе се паметат.

Пееше, танцуваше, скокаше и ја освојуваше публиката со секоја изведба, а илјадниците присутни ја следеа во еден глас, пеејќи ги добро познатите рефрени.

Од старите омилени песни до поновите композиции, Калиопи ги редеше хитовите што одбележаа генерации. „Бато“, „Остани во мене“, „Црно и бело“, „Месечина“, „Кофер љубави“, „Знам“, „Дали да ти кажам“, „Тоа сум јас“ и многу други песни предизвикуваа овации, додека публиката ги пееше стиховите со истата емоција со која ги засакала пред години.


„Денес си реков дека ќе прославам 50 години откако првпат застанав на сцена, ќе прославам 60 години живот... А кога некој ќе ме праша каква крема за лице користам, велам да дојдат на мој концерт да ве погледнат вас. Вие сте мојот еликсир“, рече Калиопи, упатувајќи им на присутните искрена благодарност за љубовта и поддршката.

Слаткаристика на сцената и дует што ја крена атмосферата

Едно од најочекуваните изненадувања на вечерта беше гостувањето на Слаткаристика. Заедно со Калиопи, тој ја изведе „Води ме“, а публиката имаше можност да ги слушне и во „Обои ме“, во која нивните различни музички изрази се споија во впечатлива сценска изведба.


Двајцата уметници не кријат дека меѓу нив постојат голема почит и наклонетост, а нивната енергија се пренесе и во публиката. Слаткаристика се пошегува дека неговата песна „Да полетам“ станала хит откако Калиопи ја испеала, по што присутните во еден глас ги запеаја познатите стихови заедно со него.

Момент за паметење со осумгодишниот Никола

Меѓу најемотивните моменти беше појавувањето на осумгодишниот Никола, кого Калиопи го покани на сцената за заедно да ја отпеат „Македонско девојче“. Младиот обожавател ја воодушевил пејачката уште на минатогодишниот концерт, кога ја извел песната зад сцената, а овојпат доби можност својот талент да го покаже пред преполната арена.


Нивната изведба предизвика воодушевување и уште еднаш покажа дека музиката нема генерациски граници. Калиопи во текот на вечерта им посветуваше внимание и на најмладите фанови, кои ѝ подаруваа цвеќиња и подароци, а некои од нив ги покани и на сцената. Во еден момент заигра со мало девојче, за кое подоцна сфати дека го познава уште од бебе.

Посебна топлина на концертот му даде и детскиот хор „Пиколо“, со кој Калиопи ја изведе песната „Бебе“. Настапот на најмладите пејачи внесе дополнителна емоција во вечерта, потсетувајќи дека нејзината музика ги поврзува различните генерации.


Пејачката не ги заборави ниту најблиските. Во текот на концертот му посвети песна на својот брат Томче, кој, како што раскажа, ѝ рекол дека нема да дојде доколку не ја испее неговата омилена композиција.

Среде концертот, пејачката приреди уште едно изненадување, премиерно претставувајќи ја својата нова песна „Лаж“, за која го промовираше и видеоспотот. Композицијата е создадена во соработка со Ромео, а Калиопи ја опиша како подарок од нив двајцата за музиката за која смета дека полека изумира.


Концертот имаше и дополнително значење за пејачката. Во 2026 година се навршуваат 50 години од нејзините први музички чекори, кога во 1976 година настапила на детскиот фестивал „Златно славејче“. Половина век подоцна, таа и понатаму ја освојува публиката со истата страст, но и со искуството на уметница која оставила длабока трага на домашната и регионалната музичка сцена.

Концертот во Скопје воедно го означи почетокот на нејзината нова регионална концертна турнеја.