Со „Apple I“ доаѓа и писмо од Стив Џобс во кое го прашува сопственикот дали сака да премине на „Apple II“.
Прочуениот компјутер „Apple I“, познат како „Hatfield“, потпишан од Стив Вознијак, штотуку е продаден на непознат купувач за рекордни 1.148.200 долари, објави аукциската куќа „Bonhams“.
Оваа машина, направена во 1976 година и првично продадена за 666,60 долари на извесен Фред Хатфилд, е еден од само 74 преостанати потврдени примероци на „Apple I“ (број 48 во регистарот) и еден од многу ретките што сè уште се во функционална состојба.

Покрај потписот на Вознијак, со компјутерот доаѓа и писмо од Стив Џобс во кое го поттикнува Хатфилд да ја испрати својата матична плоча за да се изврши надградба на моделот „Apple II“. Купувачот ги добива и оригиналното упатство за употреба на компјутерот „Apple I“, упатството за работа со касети, поканата за зачленување во Клубот на сопственици на компјутери „Apple I“ и приспособеното напојување, заедно со монитор и тастатури од тој период.
Последниот пат кога оваа конкретна машина се најде на аукција, во 2013 година, беше продадена за 671.400 долари. За да привлече поголем интерес, аукциската куќа „Bonhams“ минатиот месец јавно ја најави аукцијата и го изложи компјутерот во Њујорк. Наддавањето наводно се свело на две лица, кои ја подигнале цената значително над очекуваниот максимум од 800.000 долари.

„Воодушевени сме од овој извонреден резултат за ’Hatfield‘ Apple I, една од најважните пресвртници во историјата на компјутерите“, изјави Ијан Елинг од аукциската куќа „Bonhams“ за „Apple Insider“. „Беше чест да го понудиме првиот производ на ’Apple‘ во годината во која компанијата одбележува 50 години постоење.“
„Apple I“ беше далеку од компјутер приспособен за просечниот корисник, бидејќи не доаѓаше ни со напојување, а камоли со тастатура и монитор. Овој примерок е продаден со 8 КБ РАМ-меморија и микропроцесор „MOS Technology 6502“, што било доволно за стартување на програмата „Apple Integer Basic“ и неколку игри преку опционалниот интерфејс за касети „Apple Cassette Interface“.

Писмото во кое Џобс нуди надградба на „Apple II“ е она што го прави овој примерок на „Apple I“ особено интересен. „Писмото сведочи за тоа колку Џобс и Вознијак биле лично ангажирани во раните денови на ’Apple‘, работејќи сè – од дизајнирање и производство на производите до обезбедување корисничка поддршка“, објаснува „Bonhams“ на страницата на аукцијата.
Хатфилд, за среќа, ја одбил понудата за надградба и на крајот ја продал машината за 40.000 долари. Познато е дека тие пари ги искористил за убави вечери и излегувања на улицата Френчмен во својот роден Њу Орлеанс. „Претпоставувам дека е подобро да уживам во парите што ги добив од таа стара машина“, изјавил за „The New York Times“ уште во 2013 година.



















