Американската компанија „Rockstar Games“ денеска објави нов трејлер за видеоиграта „GTA VI“, во траење од 90 секунди, околу еден месец пред нејзиното планирано излегување, закажано за 19 ноември за конзолите „PlayStation 5“ и „Xbox“.
Трејлерот не открива многу нови детали, но ја прикажува атмосферата на измислениот град Вајс Сити, инспириран од Мајами, а носи и нова нумера од француското електронско дуо „Justice“, кое е задолжено за музиката во играта, пренесува порталот „The Verge“.
Според описот на приказната објавен со трејлерот, главните ликови Џејсон и Лусија се наоѓаат во средиштето на криминален заговор што се протега низ измислената американска сојузна држава Леонида.
Откако една навидум едноставна кражба ќе тргне наопаку, двајцата мора да се потпрат еден на друг за да преживеат.
„Rockstar“ во август објави и подолг приказ на играта на „Netflix“, нудејќи подетален увид во нејзината визуелна презентација.
Во меѓувреме, на интернет се појавија протечени материјали што наводно откриваат дополнителни детали за играта.
По неколку одложувања, „GTA VI“ излегува на 19 ноември, 13 години по претходното главно продолжение од серијалот, „GTA V“, објавено во 2013 година.

Истражувачката компанија „Newzoo“ процени дека „GTA VI“ би можела да оствари продажба во вредност од 3,3 до 5,2 милијарди долари до крајот на првата недела по излегувањето.
Според одделна процена на компанијата „Sensor Tower“, која во август ја пренесе „GameSpot“, претпродажбата би можела да достигне околу 25 милиони примероци, што би одговарало на приход од приближно две милијарди долари.








