Со постепеното опаѓање на температурите, езерото Хулун во Внатрешна Монголија, на северот на Кина, полека почнува да замрзнува.
Меѓутоа, наместо мирна, рамна површина, на езерото се создава глетка што го одзема здивот.
Силните налети на ветерот ги придвижуваат и ги натрупуваат слоевите мраз. Тие се преклопуваат и формираат необични „ледени бранови“.
Брановите се протегаат во неправилни низи низ огромна површина, создавајќи впечаток дека замрзнатата вода се претворила во разбранувано море, пренесува „la Repubblica“.
Спектакуларните снимки го прикажуваат овој необичен феномен, карактеристичен за северните езера на почетокот на зимата: под дејство на ветерот, ледените плочи се судираат, се придвижуваат и се натрупуваат.
Ваквите облици се создаваат додека мразот е сè уште тенок и кршлив. Ветерот ги придвижува искршените плочи, ги турка една врз друга и ги натрупува, а ниските температури потоа повторно ги спојуваат во нерамна ледена површина.
Хулун е петтото по големина езеро во Кина и најголемото во Внатрешна Монголија. Долго е околу 93 километри, а во текот на зимата, од ноември до март, главно е покриено со мраз.






