[ВИДЕО] Поминаа 19 години од смртта на Тоше Проески: На многумина неговото последно интервју им звучеше како тивко збогување

Точка

16/10/2026

12:15

1.740

Големина на фонт

а а а

На денешен ден пред 19 години, на 16 октомври 2007 година, во сообраќајна несреќа на автопатот Загреб – Липовац, кај Нова Градишка во Хрватска, загина нашиот пејач Тоше Проески. Имаше само 26 години.

Проески спиел на совозачкото седиште во раните утрински часови, кога автомобилот во кој се наоѓал удрил во камион, а потоа и во заштитната ограда. Пејачот починал на самото место, возачот бил полесно повреден, додека неговата менаџерка Љиљана Петровиќ, која седела на задното седиште, поминала без повреди.


Веста за неговата смрт ги потресе Македонија и целиот регион. Собранието ја прекина работата, училиштата беа затворени, а луѓето спонтано се собираа на плоштадите и палеа свеќи. Посмртните останки беа пренесени со хеликоптер испратен од владата, а следниот ден беше погребан во Крушево со државни почести.

Момчето со кларинетот што требало да пее

Тодор Тоше Проески е роден на 25 јануари 1981 година во Прилеп, а пораснал во Крушево. Љубовта кон музиката ја наследил од родителите, а неговиот татко Никола претходно раскажувал дека Тоше како дете сакал да стане лекар.

Неговата судбина, како што раскажа пејачката Тијана Дапчевиќ, ја променил нејзиниот татко, кој го слушнал како средношколец додека свирел кларинет во музичкото училиште.


„Каков кларинет, тој е пејач и треба да пее. Татко ми му го кажа тоа на таткото на Тоше и тогаш сè започна. Сè што следуваше потоа е историја“, изјави Дапчевиќ.

Како тинејџер, тој зачекори на македонската музичка сцена на фестивалот Макфест, а набргу стана миленик на публиката далеку надвор од границите на Македонија. Ја претставуваше Македонија на Евровизија во 2004 година.

Песни што станаа дел од животот на една генерација

Песните „Боже, чувај ја од зло“, „Ако ме погледнеш во очи“, „Соба за тага“, „Игри без граници“, „По тебе“ се пееја на концерти, во клубови и кафеани низ цела поранешна Југославија.

Зад гласот што го нарекуваа ангелски стоеше човек кого колегите го паметат по скромноста и добрината. Како регионален амбасадор на УНИЦЕФ, им помагаше на децата, а неговата песна „This World“ стана химна на УНИЦЕФ. За хуманитарните настапи во 2003 година ја доби наградата „Мајка Тереза“.

„Не сум безгрешен, светец ниту ангел“

Славата, сепак, имаше и своја цена. Во своето последно интервју пред трагичната несреќа, во емисијата „Вртелешка“ на Весна Петрушевска, Проески за првпат отворено зборуваше за заморот од популарноста.

„Сакам, но не можам. Машинеријата ме стави, како што велат, во барабанот и тоа е тоа. Нема враќање“, рече тогаш, додавајќи дека со години не можел едноставно да прошета низ град и да влезе во продавница како „сите нормални луѓе“.

Многумина подоцна ги доживеаја овие зборови како тивко збогување.

Последниот концерт го одржа на 5 октомври 2007 година во Скопје, само 11 дена пред трагичната несреќа. По неговата смрт беше објавен и неговиот прв албум на англиски јазик, „The Hardest Thing“.

Никогаш заборавен

Колегите и денес се сеќаваат на него со истата тага. 

Во Нова Градишка во 2021 година беше откриен споменик во негова чест, дело на скулпторот Славко Буниќ, а обожавателите секоја година на 16 октомври палат свеќи и ги пуштаат неговите песни. Деветнаесет години подоцна, гласот на Тоше Проески и понатаму е еден од најсаканите на Балканот.