Најновото истражување ги открива највредните берзански компании во Европа. Иако на врвот доминира холандскиот технолошки гигант „ASML“, во повеќето земји и натаму предничат банките и енергетскиот сектор.
Највредната компанија на берзата во Европа произведува софистицирани машини без кои е невозможно да се произведат современи микрочипови. Сепак, иако технолошкиот сектор го држи самиот врв, низ целиот континент банките и натаму најчесто го имаат главниот збор на локалните пазари. Оваа анализа ги прикажува најголемите компании со кои јавно се тргува во 42 европски земји, рангирани според пазарната капитализација.
„ASML“ убедливо пред сите
Лидерската позиција на холандската компанија „ASML“ ја одразува нејзината единствена позиција во глобалниот синџир на снабдување со чипови. Со вредност од дури 670,27 милијарди долари, таа воедно е и единствената технолошка компанија меѓу 42 национални лидери во Европа. „ASML“ вреди речиси двојно повеќе од британскиот банкарски гигант „HSBC“ или швајцарскиот фармацевтски гигант „Roche“.
Како единствен светски снабдувач на напредни системи за екстремна ултравиолетова литографија (ЕУВ), „ASML“ се наоѓа на 20-то место меѓу највредните компании во светот.

Од друга страна, данскиот „Novo Nordisk“ (производител на лековите „Оземпик“ и „Вегови“), кој во текот на 2024 година беше највредната компанија во Европа со повеќе од 650 милијарди долари, изгуби над 70 отсто од таа вредност поради силната конкуренција од американскиот ривал „Eli Lilly“. Неговата сегашна вредност изнесува 168,61 милијарди долари.
Топ 10 највредни компании во Европа
На самиот врв на европската економија доминираат технологијата, финансиите, фармацијата и индустријата:
Холандија: „ASML“ – 670,27 милијарди долари (Технологија)
Велика Британија: „HSBC“ – 342,35 милијарди долари (Банкарство)
Швајцарија: „Roche“ – 341,50 милијарди долари (Фармација)
Германија: „Siemens“ – 246,27 милијарди долари (Индустрија)
Франција: „L'Oréal“ – 230,18 милијарди долари (Стоки за широка потрошувачка)
Шпанија: „Banco Santander“ – 205,11 милијарди долари (Банкарство)
Данска: „Novo Nordisk“ – 168,61 милијарди долари (Фармација)
Ирска: „Eaton“ – 168,28 милијарди долари (Индустрија)
Белгија: „AB InBev“ – 146,41 милијарди долари (Стоки за широка потрошувачка)
Италија: „UniCredit“ – 142,57 милијарди долари (Банкарство)

Банките и енергетиката држат повеќе од половина од Европа
Освен компанијата „ASML“, финансискиот и енергетскиот сектор убедливо предничат на европските пазари. Банките предничат во 15 земји, а заедно со осигурителните компании и инвестициските фондови, тие се лидери во вкупно 18 држави. Енергетските и комуналните компании се на првото место во уште 10 земји, па овие два сектора сочинуваат дури 28 од вкупно 42 национални лидери.
Оваа структура го одразува начинот на кој е изградена европската економија: компаниите од еврозоната традиционално многу повеќе се потпираат на банкарски кредити, додека американските компании првенствено се финансираат преку пазарите на капитал.
Сепак, забележливо е отсуството на нови гиганти. Извештајот на поранешниот претседател на Европската централна банка, Марио Драги, покажа дека во последните 50 години во Европската Унија ниту една компанија вредна повеќе од 100 милијарди евра не била изградена „од нула“, додека во САД во истиот период биле создадени дури шест гиганти вредни повеќе од еден билион евра.

Каде е Македонија и како стои регионот?
На Балканот и во неговото соседство сликата е сосема јасна: со локалните берзи господарат енергетските компании, банките и фармацевтските компании. Во Македонија убедливо највредна компанија е Комерцијална банка со пазарна вредност од 980 милиони долари. Преглед на лидерите во регионот:
Унгарија: „OTP Bank“ – 36,11 милијарди долари (Банкарство)
Романија: „Hidroelectrica“ – 16,55 милијарди долари (Енергетика)
Словенија: „Krka“ – 8,96 милијарди долари (Фармација)
Хрватска: „Zagrebačka banka“ – 8,50 милијарди долари (Банкарство)
Бугарија: „Sopharma“ – 1,50 милијарди долари (Фармација)
Босна и Херцеговина: „UniCredit Bank d.d.“ – 1,14 милијарди долари (Банкарство)
Србија: „NIS (Naftna industrija Srbije)“ – 1,13 милијарди долари (Енергетика)
Македонија: „Komercijalna banka“ – 980 милиони долари (Банкарство)
Црна Гора: „Elektroprivreda Crne Gore (EPCG)“ – 680 милиони долари (Енергетика)
















