[ФОТО] Ова се најдобрите европски градови за живеење за 2026 година: 2 земји доминираат со своите бисери во топ 10

Точка

29/09/2026

09:53

629

Големина на фонт

а а а

Високите плати не се единствениот фактор што одредува колку е добар градот за живеење. Трошоците за домување, распределбата на приходите, здравјето на населението, безбедноста, но и можностите за рекреација и културни објекти имаат големо влијание врз секојдневниот живот на граѓаните.

Овие фактори беа анализирани од „Оксфорд економикс“ како дел од Глобалниот индекс на градови за 2026 година. Истражувањето опфаќа 1.000 големи урбани центри низ целиот свет, а кога станува збор за квалитетот на живот, најдобро рангиран европски град е Берген во Норвешка.

Берген е најдобар во Европа, втор во светот


Берген се најде на второто место на глобалната листа за квалитет на живот. Вториот по големина град во Норвешка се наоѓа покрај фјордот Бифјорден и е опкружен со планини, па им нуди на жителите комбинација од развиен урбан центар и природа што е практично при рака.

Високиот животен стандард, релативно ниската нееднаквост и бројните можности за рекреација придонесоа за неговиот висок ранг. Пешачките патеки и планините се наоѓаат во непосредна близина на градот, што го издвојува Берген меѓу поголемите европски урбани центри.

Второто место во Европа, а четврто во светот, го зазеде Гренобл. Францускиот град се наоѓа во подножјето на Алпите и е познат по својот развиен научен и технолошки сектор. Близината до планините им овозможува на жителите лесно да го комбинираат градскиот живот со скијање, планинарење и други активности на отворено.


Берн меѓу петте најдобри во светот

Берн е на третото место во Европа и петто во светот. Главниот град на Швајцарија е значително помал и потивок од најголемите европски метрополи, а неговите предности вклучуваат висока куповна моќ, добро организирана инфраструктура, висококвалитетни јавни услуги и висок животен стандард.

Осло, Луксембург, Дрезден, Гент, Париз, Базел и Линц беа меѓу десетте најдобро рангирани европски градови. Норвешка и Швајцарија имаат по два града меѓу европските десет.


Ова се десетте најдобро рангирани европски градови

Берген, Норвешка - 2-ро место во светот;
Гренобл, Франција - 4-то место во светот;
Берн, Швајцарија - 5-то место во светот;
Осло, Норвешка - 6-то место во светот;
Луксембург, Луксембург - 7-мо место во светот;
Дрезден, Германија - 8-мо место во светот;
Гент, Белгија - 9-то место во светот;
Париз, Франција - 10-то место во светот;
Базел, Швајцарија - 11-то место во светот;
Линц, Австрија - 12-то место во светот.