Ја спасуваа со недели, ја изведоа на море — а ајкулата повторно се врати во истиот канал

Точка

22/10/2026

15:00

495

Големина на фонт

а а а

Кога спасувачите во Бусан конечно помислиле дека успеале, ајкулата Буканг-и им приредила ново изненадување. По третата акција за нејзино извлекување, таа повторно се провлекла покрај заштитната мрежа и се вратила во каналот.

По недели обиди, спасувачите во јужнокорејскиот град Бусан во средата конечно ја извеле ајкулата Буканг-и од каналот во кој престојувала повеќе од еден месец. Но, радоста траела кратко: животното повторно се провлекло покрај заштитната мрежа и се вратило во истиот воден пат, пренесуваат Ројтерс и "AP".

Станува збор за женка долга околу три метри, која во меѓувреме стана една од најнеобичните атракции во Јужна Кореја. Нејзината приказна привлече огромно внимание, а спасувањето доби пресврт што малкумина го очекувале.


Ја изведоа, а таа повторно помина под мрежата

Третата акција на 21 октомври вклучувала пловечка платформа, мрежи и нуркачи. По претходните неуспешни обиди, тимовите со часови се обидувале внимателно да ја насочат ајкулата кон излезот од каналот.

Откако стигнала надвор, Буканг-и останала во блиските води. Подоцна истата вечер, според надлежните, таа најверојатно се провлекла низ празнина меѓу надворешната мрежа и дното. Следното утро повторно била забележана во каналот, зад првата бариера.

Ајкулата Буканг-и во каналот во Бусан

Буканг-и во каналот во Бусан, септември 2026. Архивска фотографија: Точка.


Нов пристап: ќе ја набљудуваат наместо да ја истиснуваат

Според најновиот прилог на "Arirang News" од 22 октомври, властите засега ги прекинале дополнителните обиди за насочување кон морето и преминале на следење на нејзиното движење. Првата мрежа била отстранета, а просторот во кој може да плива значително се проширил.

Ајкулата веќе била забележана и надвор од каналот, во близина на пристанишен мол. Експертите советувале да ѝ се даде повеќе време да се приспособи, наместо насилно да се турка кон отворено море.


Прилог на "Arirang News" од 22 октомври 2026, со снимки од акцијата за спасување на 21 октомври.


Милиони посетители, но и грижа за нејзиното здравје

Буканг-и за првпат била забележана во септември. Според локалните власти, таа привлекла повеќе од 1,7 милиони посетители во паркот покрај Северното пристаниште и станала градска маскота.

Сепак, вниманието не ја решава главната грижа: температурата на водата паѓа, а надлежните претходно предупредија дека нема јасни знаци оти ајкулата редовно се хранела додека била во каналот. Затоа нејзиното движење и состојба продолжуваат внимателно да се следат.