Германскиот производител на спортска опрема „Adidas“ од почетокот на следната година повеќе нема да изработува дресови за германската фудбалска репрезентација. Со тоа завршува соработката која траеше дури 70 години. Од почетокот на 2027 година дресовите за Германија ќе ги произведува „Nike“.
„Adidas“ ќе издаде уште само еден дрес за германската репрезентација, а тој ќе ѝ биде претставен на јавноста на 3 ноември оваа година. Брендот сними реклама со која го најавува прекинот на соработката, како и новиот дрес.
🇩🇪 Adidas teasing their Germany farewell kit - the final adidas Germany kit before the switch to Nike next year. It will be unveiled on November 3 https://t.co/2QCgucNAdF
— Bayern & Germany (@iMiaSanMia) September 21, 2026
Во „прошталната“ реклама се појавуваат некои од великаните на германскиот фудбал и репрезентацијата, пред сите Јирген Клинсман, во дресот со кој во 1996 година го предводеше „Маншафт“ до титулата европски првак во Англија, на стариот Вембли. Тука е и Филип Лам, во дресот со кој во 2006 година со Германија го освои третото место на Светското првенство, чиј домаќин исто така беше Германија. Секако, тука е и незаменливиот голман Мануел Нојер, во портокалов голмански дрес, какви што носеа светските шампиони и големите голмани Оливер Кан, Јенс Леман, па сè до Сеп Мајер во седумдесеттите години.

Уште од 2024 година се знае дека завршува соработката меѓу Германскиот фудбалски сојуз и „Adidas“. „Nike“ понуди убедливо најдобра економска понуда, чиј износ сепак нема да го соопштиме“, изјави претседателот на Управниот одбор на DFB, Холгер Бласк. Во дресовите на „Adidas“, Германците ги остварија своите најголеми успеси, вклучително и освојувањето на три светски првенства и три европски првенства.











