Ким Кардашијан повторно се најде во центарот на вниманието откако беа објавени најновите кадри од претстојната сезона на шоуто „The Kardashians“.
Најавата вознемири бројни обожаватели бидејќи ја прикажува Ким во болнички кревет, исцрпена и под надзор на медицинскиот персонал.

За време на подготовките во шминкерницата, Ким му открила на својот тим дека ѝ бил дијагностициран езофагитис – воспаление на слузокожата на хранопроводот кое предизвикува отежнато и болно голтање.
Здравствената ситуација станала особено емотивна кога лекарот за време на прегледот ѝ поставил прашање што ја затекнало: „Зарем и татко ти не почина од тоа?“.

Познатиот адвокат Роберт Кардашијан почина во 2003 година на 59-годишна возраст, само два месеци откако му бил дијагностициран рак на хранопроводот. Иако езофагитисот е воспалителна состојба која успешно се лекува и не претставува карцином, директната поврзаност со хранопроводот длабоко го потресла целото семејство.
Нејзината мајка, Крис Џенер, во најавата не можела да ги задржи солзите.
„Не можам, поради ова ми доаѓа да плачам“, кратко изјавила Крис низ солзи.

Загубата на таткото оставила неизбришлива трага врз семејството Кардашијан, поради што во негова чест во 2019 година помогнале во основањето на „UCLA Robert G. Kardashian Center for Esophageal Health“, центар специјализиран за превенција и лекување болести на хранопроводот.
Иако Ким се соочува со непријатна дијагноза, езофагитисот е под лекарска контрола.








