По загадената Сена, нов предизвик за олимпијците: Во Бризбејн ги чека река со 500 крокодили

Точка

17/09/2026

17:17

417

Големина на фонт

а а а

Олимписките игри во Париз во 2024 година, меѓу другото, ги одбележа и скандалот кога триатлонците беа принудени да пливаат во загадената река Сена, а на Олимписките игри во Бризбејн во 2032 година ги очекуваат уште поголеми предизвици.

Имено, веслачите и кајакарите за шест години ќе се борат за олимписки медали во Австралија на река во која живеат околу 500 опасни крокодили.

Звучи како сценарио за напнат трилер, но станува збор за официјална одлука: реката Фицрој во австралиската сојузна држава Квинсленд, позната како дом на околу 500 крокодили, доби зелено светло за одржување на натпреварите во веслање и кајак на Олимписките и Параолимписките игри во Бризбејн во 2032 година.


Откако Независното тело за инфраструктура и координација на Игрите (GIICA) спровело детална анализа на патеката во градот Рокхемптон, локацијата била официјално одобрена. Меѓутоа интересно е што оваа обемна техничка студија воопшто не се занимавала со присуството на опасните влекачи. Аналитичарите се фокусирале исклучиво на логистичките и спортските аспекти – од влијанието на временските услови и нивото на водата до ризикот од поплави.

Во извештајот е нагласено дека оваа река и онака не им е непозната на спортистите – на неа редовно се одржуваат локални регати, училишни првенства, па дури и кампови на националните репрезентации.


И покрај необичните жители на реката, челниците на светските спортски организации изразија целосно задоволство од избраната локација.

Жан-Кристоф Ролан, првиот човек на Светската веслачка федерација (World Rowing), потврдил дека реката Фицрој ги исполнува сите строги олимписки и параолимписки стандарди и гарантира фер услови за сите натпреварувачи. Со него се согласил и Томас Кониецко од организацијата „Paddle Worldwide“, истакнувајќи дека темелноста на спроведените технички анализи влева доверба и им дава сигурност на спортистите за регуларно натпреварување на мирни води.


Ендру Ливерис, претседателот на Организацискиот комитет Бризбејн 2032, уште претходно јасно ставил до знаење дека крокодилите не ги смета за непремостлив проблем. Тој своевремено ја загрижил, но и ја насмеал јавноста со необична споредба:

„И во океанот има ајкули, па луѓето сепак сурфаат. Овде мора да се водиме од ставот ’можеме‘, а не да бараме причини зошто нешто не може да се направи. Мора да го промениме начинот на размислување“, истакнал Ливерис.

Откако локацијата и официјално била потврдена, Ливерис нагласил дека оваа одлука им овозможува на организаторите со полна сила да преминат во следната фаза од планирањето и да се фокусираат исклучиво на подготовката на Рокхемптон за спектаклот.


Морските крокодили што живеат во овој регион, а кои локалното население популарно ги нарекува „salties“, спаѓаат меѓу најопасните предатори.

Тие се приспособени за живот и во слатка и во солена вода, а можат да израснат во вистински џинови подолги од шест метри. Се чини дека на олимпијците и параолимпијците во 2032 година сигурно нема да им недостига адреналин на патеката.