Судот во Париз ѝ додели на Ким Кардашијан отштета од едно евро поради вооружениот грабеж од 2016 година во француската престолнина, а станува збор за износ што самата го побарала.
Одлуката била донесена во вторникот, а според адвокат вклучен во случајот, истата отштета од едно евро ѝ била доделена и на стилистката Симон Бретер, која била присутна за време на грабежот.
Кардашијан била цел на нападот на 2 октомври 2016 година, за време на Париската модна недела, додека престојувала во хотелот „de Pourtales“.

Двајца разбојници, преправени како полицајци, упаднале во нејзиниот апартман, ја врзале со пластични врвки и леплива лента и украле накит вреден повеќе од шест милиони долари, вклучувајќи и дијамантски прстен што таа го носела истата вечер на ревијата на „Живанши“.
Минатата година судот прогласил осум лица за виновни за нивните улоги во грабежот, кој американската ѕвезда го опишала како најстрашното искуство во нејзиниот живот.

Поради повозрасните години, обвинетите во Франција станале познати како „дедовци-разбојници“, а шестмина од нив во времето на судењето имале меѓу 60 и 70 години.
Тие биле обвинети за вооружен грабеж, киднапирање, здружување во криминална група и други кривични дела. Бидејќи времето поминато во притвор пред судењето им било пресметано во казната, никој од осудените не се вратил во затвор, ниту пак некој поднел жалба.

На поранешниот рецепционер во хотелот судот му доделил 109.516 евра, иако тој барал 550.000 евра отштета и камата, тврдејќи дека грабежот му оставил трауми. На хотелот му биле доделени 50.000 евра.
„Длабоко сум благодарна на француските власти што во овој случај ја спроведоа правдата. Иако никогаш нема да заборавам што се случи, верувам во моќта на личниот напредок и одговорноста и се молам за закрепнување на сите“, порача Кардашијан по пресудата.










