Исплива тајно досие за „Ангелот на смртта“: По војната Менгеле се вратил во Европа, никој не реагирал?

Точка

11/09/2026

17:20

266

Големина на фонт

а а а

Швајцарската федерална разузнавачка служба во четвртокот објави досие од 200 страници за озлогласениот нацистички воен злосторник Јозеф Менгеле, германски лекар познат како „Ангелот на смртта“ поради ужасните медицински експерименти што ги спроведувал врз затворениците во Аушвиц, пишува германската новинска агенција „дпа“, а пренесе „Асошиејтед прес“.

За време на Втората светска војна, Менгеле служел во логорот на смртта Аушвиц, во тогашна окупирана Полска, каде што биле убиени околу 1,1 милион луѓе, од кои приближно еден милион Евреи. Тој станал озлогласен по бруталните медицински експерименти што ги спроведувал врз затворениците, вклучително и врз деца, под изговор дека станува збор за научни истражувања.

По војната, Менгеле добил патна исправа од Црвениот крст под лажен идентитет, што му овозможило да ја напушти Европа. Како и многу други поранешни нацистички функционери, со години се криел во Латинска Америка, додека меѓународните власти го барале поради неговите злосторства. Се удавил во 1979 година додека пливал во близина на брегот на Бразил.

Документите што ги објавија швајцарските власти вклучуваат материјал доставен до полицијата, кој укажува дека Менгеле можеби се вратил во Швајцарија откако првично избегал од Германија или дека планирал да влезе во земјата под лажно име, наведува германската новинска агенција „дпа“.


Историчарите кои се обидувале да утврдат дали Менгеле престојувал во Швајцарија додека по него била распишана меѓународна потерница поради воени злосторства, без притоа да биде откриен од швајцарските власти, со години барале пристап до овие досиеја.

Швајцарските власти тврделе дека документите, од безбедносни причини и заради заштита на лицата чии имиња се наведуваат во нив, треба да останат запечатени до 2071 година.

Историчарот Жерар Ветштајн успешно ги оспорил овие ограничувања пред Сојузниот управен суд, по што документите биле објавени на интернет. Одредени делови биле затемнети за да се заштитат изворите и личните податоци на трети лица, соопштија властите.

Досието го составила полициската служба на Сојузното државно обвинителство, претходник на швајцарските федерални разузнавачки служби, а во 2001 година било префрлено во Сојузниот архив.