Германската партија Алтернатива за Германија поднесе кривична пријава против канцеларот Фридрих Мерц за неговите обвинувања за етничко чистење во говор во германскиот парламент.
Германската партија Алтернатива за Германија (АфД) поднесе кривична пријава против канцеларот Фридрих Мерц, кој во говор во парламентот оваа недела ја обвини антиимиграциската партија дека спроведува политика на „етничко чистење“.
Пратеничката група на АфД во петокот во соопштение за јавноста наведе дека изјавите упатени кон партијата „имаат кривично-правна тежина“, поради што Мерц не би требало да ја ужива вообичаената правна заштита.
Имено, за време на расправата во средата, Мерц возврати откако копретседателката на АфД, Алис Вајдел, остро ја критикуваше неговата политика.
Тој рече дека „милиони луѓе со мигрантско потекло работат и во занаетчиството. А кога она за што вие овде се залагате, односно ‘ремиграција’, би станало реалност, тоа не би било ништо друго освен етничко чистење врз основа на бојата на кожата и потеклото…“
Неговата реченица беше прекината од дофрлања на пратениците на АфД, по што демохристијанинот продолжи:
„Дами и господа, зборот ‘ремиграција’ не е ништо друго освен синоним за етничко чистење врз основа на потеклото и бојата на кожата.“
Штефан Бранднер, правен советник на пратеничката група на АфД, ја опиша изјавата како „изјава со кривично-правна тежина“, тврдејќи дека таа излегува од рамките на заштитата со парламентарен имунитет, бидејќи станува збор за клевета.
Според член 46 од германскиот Устав, пратеник не може кривично да биде гонет поради изјави дадени во парламентот. Меѓутоа, клеветничките навреди претставуваат исклучок од тоа правило.
Надлежните органи можат да спроведат истрага против пратеник, но Бундестагот мора да гласа за одземање на имунитетот на лицето, на пример доколку биде поднесено обвинение.












