Анкара против Тел Авив: „Меканскиот пакт“ и „Ахиловиот штит“ го менуваат односот на силите на Блискиот Исток

Точка

10/09/2026

20:09

244

Големина на фонт

а а а

Додека војните и судирите во Газа, Иран, Либан и Сирија се испреплетуваат, на Блискиот Исток се отвора нова линија на поделба – меѓу Израел и Турција.

Анкара се обидува околу себе да собере нова регионална оска, од Катар и Пакистан до Саудиска Арабија, додека преку Сирија го проширува својот стратешки простор. Тел Авив на тоа одговара со зајакнување на сојузништвата со Грција и Кипар и со поставување јасни црвени линии во однос на турското присуство во сирискиот воздушен простор, пишува „Јуроњуз“.

Досега постоеше „Оската на отпорот“ – мрежа на милиции предводена од Иран, која значително ослабна по падот на режимот на Асад. Токму Сирија денес е подрачјето каде што сè поотворено се судираат интересите на Турција и Израел.


Ердоган на 10 јуни, обраќајќи се пред парламентот, предупредил дека израелските напади врз Сирија и Либан достигнале точка во која, како што рекол, почнуваат да ја загрозуваат и безбедноста на Турција.

„Безбедноста на Турција не започнува во Хатај, туку во Алепо, Дамаск и Бејрут“, истакнал Ердоган.

Во следните обраќања, Ердоган остро го критикувал ционизмот, нарекувајќи го екстремистичка и окупаторска идеологија, додека Израел го опишал како „терористичка“ држава.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, реагирајќи на изјавите на турскиот претседател, го нарекол Ердоган „антисемитски диктатор“.

Нафтали Бенет уште во февруари направил паралела меѓу Анкара и Техеран, пред сè кога станува збор за нивниот однос кон Израел.

„Турција е новиот Иран. Ердоган е софистициран, опасен и сака да го опколи Израел. Не смееме повторно да ги затвориме очите“, рекол тој на конференција одржана во Ерусалим на почетокот од годината.

Сојузи и црвени линии

Зад оваа размена на остри пораки не стојат само анимозитетот меѓу двајцата лидери и дневната политика, туку и подлабоко стратешко ривалство, бидејќи и Анкара и Тел Авив градат сопствени мрежи на сојузници. Турција се потпира на Катар, Пакистан и сè поблиската Саудиска Арабија, како и на своето влијание во Сирија по падот на Асад. Израел одговара со оска со Грција и Кипар и со барање сирискиот воздушен простор да остане надвор од досегот на турската војска.


Израел и натаму има можност непречено воено да дејствува во сирискиот воздушен простор. Во август изврши напад врз базата Абу ал-Духур со цел да спречи турско распоредување на противвоздушна одбрана и воен персонал.

Црвената линија на Нетанјаху е јасна: Израел како закана ја гледа можноста за воспоставување турска воена база јужно од Дамаск, како и распоредувањето турски системи за противвоздушна одбрана во Сирија.

Турција, од друга страна, ги зацврстува своите позиции на теренот. Анкара ја обучува војската на Ахмед ал-Шара, ги проширува трговските врски и спроведува инфраструктурни проекти, вклучително и обновата на железницата Хиџаз низ Сирија и Јордан. Анкара ги отфрла тврдењата дека со своето присуство го загрозува Израел, додека израелските напади на сириска територија ги оценува како нарушување на суверенитетот на Сирија.


Оваа поделба е проследена и со нови сојузи. Турската оска сега добива формална рамка – Меканскиот договор меѓу Турција, Саудиска Арабија и Пакистан беше потпишан на 7 август, додека механизмите за соработка беа активирани на 31 август. Трите држави се обврзаа заеднички да одговорат во случај на надворешна агресија: нападот врз која било од нив ќе се смета за напад врз целиот сојуз. Катар останува еден од столбовите на оваа мрежа, додека Египет засега не се приклучил.

Израелскиот одговор доаѓа преку Медитеранот. Со Грција и Кипар, Израел во декември 2025 година потпиша трилатерален Заеднички акциски план, а на 31 август Тел Авив и Атина го склучија договорот „Ахилов штит“, вреден околу три милијарди евра, според кој Израел треба да изгради повеќеслоен систем за противвоздушна одбрана на Грција.


Договорот предвидува развој на интегриран мрежно-центричен систем за противвоздушна одбрана, со учество на израелски компании како„ИАИ“, „Рафаел“ и „ЕЛТА Системс“.

Двете држави соработуваат со Вашингтон, но Турција е членка на НАТО, додека Грција, која исто така е членка на Алијансата, ја продлабочува воената соработка со Израел.