Актерката Демет Оздемир и пејачот Мурат Боз останале заробени во студио за снимање по обилните дождови што го погодија Истанбул во средата. Спасувачките екипи ги евакуирале со чамци, а евакуацијата траела до утринските часови.
Како што пренеуваат турските медиуми, спасувачките екипи морале да интервенираат со чамци за да ги извлечат на безбедно.
Актерката се наоѓала во студио во населбата Ајазага, во истанбулскиот округ Саријер, кога водата почнала да навлегува во објектот и околните улици.
Поради наглото зголемување на нивото на водата, излегувањето од зградата станало исклучително тешко, па Оздемир преку социјалните мрежи побарала помош од надлежните служби.
Набргу била започната спасувачка акција, а екипите морале со чамци да стигнат до поплавеното подрачје. Според извештаите на турските медиуми, актерката била успешно евакуирана и извлечена на безбедно.
Водата постојано надоаѓала, актерката барала помош
Оздемир во текот на драматичните моменти ги известила своите следбеници дека заедно со други луѓе останала заробена во студиото и дека нивото на водата продолжува да расте.
Ситуацијата била особено загрижувачка бидејќи поплавените делови од објектот и околните сообраќајници го отежнувале пристапот на спасувачките екипи.
Во акцијата се вклучиле припадници на повеќе служби, меѓу кои АФАД, УМКЕ, пожарникари, крајбрежната стража и спасувачки екипи.
По интервенцијата, актерката била пренесена со чамец од поплавеното подрачје. Според достапните извештаи, таа била безбедно евакуирана.
Во студиото бил и познатиот пејач Мурат Боз
Во истиот комплекс се наоѓал и популарниот турски пејач Мурат Боз, кој исто така останал заробен заедно со голем број вработени и членови на продукцискиот тим.
Боз преку социјалните мрежи предупредил дека студиото е поплавено, дека снемало струја и дека нивото на водата се зголемува. Тој упатил апел до надлежните служби што е можно побрзо да овозможат евакуација на луѓето кои останале во објектот.
Според пишувањата на турските медиуми, во комплексот имало неколку стотици луѓе, а спасувањето било отежнато поради високото ниво на водата и силниот воден тек.
И пејачот на крајот бил успешно евакуиран, додека спасувачките екипи продолжиле да ги извлекуваат останатите луѓе од загрозеното подрачје.
Истанбул погоден од обилни врнежи
Силното невреме предизвикало големи проблеми во повеќе делови на Истанбул. Улиците биле под вода, сообраќајот бил отежнат, а биле поплавени и одредени објекти.
Надлежните служби интервенирале на бројни локации, додека жителите и вработените во загрозените подрачја чекале помош.
Драмата во која се нашле Оздемир и Боз привлече големо внимание во јавноста, особено откако на социјалните мрежи се појавија снимки и апели за помош.










