Кимберли Гилфојл се срами да се врати во САД? Поранешната амбасадорка наводно бара богат сопруг во Европа

Точка

15/10/2026

14:35

815

Големина на фонт

а а а

Кимберли Гилфојл, поранешната американска амбасадорка во Грција, не престанува да го привлекува светското внимание. Претходно оваа недела таа поднесе оставка од оваа истакната функција, откако странските медиуми објавија дека од донатори барала да ѝ ја платат сметката за кредитна картичка во износ од 100.000 долари, покрај другите контроверзни потези.

Иако деновиве е во центарот на вниманието поради својата кариера, Гилфојл се фокусирала на нешто сосема поинакво – пронаоѓање на идеалниот партнер во странство.

„Непријатно ѝ е да се врати во САД. Се срами“, изјавил извор за „Пејџ Сикс“ (Page Six), додавајќи дека поранешната амбасадорка, која ги отфрлила сите обвинувања против себе, планира да најде „богат сопруг во Европа“.

Изворот рекол и дека Гилфојл веројатно тешко ќе најде нов ангажман во кругот на Трамп.


„Нејзината приказна во светот на Трамп е завршена. Кој ќе ја вработи? Никој нема да сака да има работа со неа“, истакнал изворот.

Гилфојл во вторникот се повлече од функцијата, откако Белата куќа јавно побара од неа да поднесе оставка. Тоа се случи откако „Волстрит џурнал“ започна истрага за нејзиното наводно несоодветно однесување и објави неколку текстови поврзани со случајот.

„Иако можеби се ближи крајот на мојот мандат како амбасадорка, мојата посветеност кон претседателот Трамп, движењето ’Америка на прво место‘ и земјата што ја сакам никогаш нема да престане“, напиша таа на социјалните мрежи, нагласувајќи дека сите обвинувања се „лажни“.

Таа јасно порача дека „има намера решително да ги брани своето име, угледот и интегритетот“.


Барала 100.000 долари од богат донатор

Амбасадорката поднела оставка по скандалот со приватни пораки кои откриле дека од богат донатор барала тајна уплата од 100.000 долари на нејзината сметка во Американ Експрес, за возврат нудејќи политичко влијание и пристап до највисоките функционери на новата американска администрација.

Американскиот медиум ги анализирал пораките, електронската пошта и документите кои покажуваат дека Гилфојл во јули 2025 година вршела притисок врз Ерик Детерс, поранешен кандидат за Претставничкиот дом и политички донатор од Кентаки.

Поранешната амбасадорка барала итно покривање на долгот на кредитната картичка, испраќајќи му инструкции за плаќање со порака:


„Душо, те молам, ми треба ова да го средиш денес. Нема да се види никаде ако уплатиш пари на Американ Експрес. Те молам.“

Детерс со месеци комуницирал со Гилфојл, барајќи помош за решавање личен спор со даночната управа, како и за покренување постапка за екстрадиција на лице осудено за масовни медицински измами.

Кимберли, инаку поранешна свршеница на Доналд Трамп помладиот, му нудела посредување кај клучни луѓе во новата администрација, вклучувајќи министри, раководители на државни ресори и директорот на ФБИ, Кеш Пател.

За возврат, Ерик ѝ ветил исплати во вкупен износ од еден милион долари доколку успее да ги издејствува посакуваните одлуки, меѓу кои и да му обезбеди гостување во емисијата на Такер Карлсон, поранешен водител на телевизијата „Фокс њуз“ (Fox News).

Гилфојл во текот на комуникацијата повеќепати го предупредила Детерс да не споменува пари во текстуалните пораки.


„Ова е кошмар, буквално ќе ме чини амбасадорското место, престани да пишуваш. Ако напишеш е-пошта или порака за ова, ќе те убијам, затоа што те сакам, но целосно си излезен од контрола. Само јави ми се преку Сигнал“, напишала таа во една прилика.

Детерс на крајот не ја извршил бараната уплата од 100.000 долари.

„За жал, твоето итно барање за 100.000 долари нема да може да се реализира. Не можам да го направам ова, а да не се разведам“, објаснил тој.

Грчки тајкуни го финансирале нејзиниот раскошен начин на живот

Гилфојл се најде на удар на критики и поради информациите за нејзиниот наводно раскошен начин на живот. Американскиот медиум детално ги опиша луксузните патувања, забавите со грчки милијардери и поп-ѕвезди, неплатените сметки за оброци и слични случаи.


Некои извори споменувале и можна злоупотреба на дрога, блиски односи со компанија од енергетскиот и градежниот сектор, несоодветно прифаќање подароци и други спорни постапки.

Покрај сето тоа, поранешната амбасадорка била обвинета и за создавање „токсична“ работна атмосфера.

Грчки извори тврдат дека таа имала „изливи на бес на работното место“ и им се заканувала на „подредените со моментален отказ“. „Кога сте политички именувано лице како неа, мора да дадете сè од себе за да функционирате во рамките на системот, а таа го прави токму спротивното“, изјавил еден од нив, додавајќи дека во повеќе наврати им се заканувала на вработените со зборовите: „Е*ано завршете ја работата или ќе бидете е*ано отпуштени!“.


Изворите се присетиле и на неодамнешен инцидент што се случил на Миконос.

„Гилфојл пиела во четири часот наутро, му се јавила на својот телохранител, Василис, дедо, кој очигледно спиел и не одговорил на повикот. Следниот ден го деградирала“, раскажале тие.

Тие исто така изјавиле дека таа наводно ги сменила од нивните позиции и двајцата свои возачи затоа што „не ѝ се допаднал начинот на кој свртеле налево“.

Кимберли наводно се фалела и дека двајца грчки тајкуни ѝ ги финансираат раскошните патувања низ светот, што го откриваат снимките кои ги прегледал „Волстрит џурнал“.

Разговорите наводно се одржале во јануари, на Светскиот економски форум во Давос, а Гилфојл зборувала за летови со приватни авиони и престои во луксузни хотели, сето тоа благодарение на грчкиот тајкун Николаос Цакос.


Таа рекла дека со него ги „поминала и божиќните празници во луксузното швајцарско одморалиште Гштад“, како и дека заедно отпатувале во Париз.

„Се гледам со Никос секој е*ан ден. Ме сака. Го поминав Божиќ со него. И Новата година. Во ред? Гштад. Ма, насекаде“, вели поранешната амбасадорка на снимката.

Цакос, извршен директор на компанијата „Tsakos Energy Navigation“ (Цакос енерџи навигејшн) наводно го платил и нејзиниот престој во луксузниот париски хотел „Four Seasons George V“ (Фор Сизнс Џорџ Петти), каде што таа присуствувала на модна ревија на неговата сопруга.

Гилфојл на снимката изјавила и дека во Давос допатувала со приватен авион заедно со Александрос Ексархоу, извршен директор на грчката градежна компанија „Aktor Group“ (Актор Груп).


Гилфојл беше именувана за амбасадорка во Грција во 2024 година, истиот ден кога јавноста дозна за нејзината разделба со синот на Трамп. Двајцата биле заедно шест години, а биле и свршени. Сепак, се разделиле во декември 2024 година, откако во јавноста се појавија негови фотографии со Бетина Андерсон, со која тој денес е во брак.

Кимберли претходно била во брак со гувернерот на Калифорнија, Гевин Њусом. Се венчале во 2001 година, а се развеле во 2006 година.