Арсенал го задржа максималниот учинок и славеше над Челси со 2-1 во дерби натпреварот од третото коло во Премиер лигата.
„Топчиите“ беа шокирани на самиот старт, но се вратија на време и потоа направија пресврт за „три од три“ и максимални девет бода колку што има и Манчестер Сити.
Каи Хаверц беше еден од играите кој даде конкретен придонес за славјето над „сините“ и тоа со погодокот во првото полувреме. Германецот беше еден од најзабележителните фудбалери на теренот, но имаше и подобри од него како Мартин Одегард кој беше прогласен за играч на мечот.
Норвежанецот има супер старт на сезона, три гола на четири натпревари (со Комјунити Шилд) и Каи ги предупреди противниците дека ќе го видиме најдоброто од Мартин во тековнава сезона.
- Мислам дека тој е неверојатен играч, го видовме тоа во последните години. Оваа сезона, мислам дека се врати во својата најдобра форма. Мислам дека многу ќе ни помогне оваа сезона, - порача Хаверц кој говореше и за натпреварот.
- Тие имаат силни играчи. Тие имаат неверојатен состав, но и ние имаме. Знаевме дека ќе биде тешко и дека ќе биде тесен натпревар. Тие постигнаа гол рано, па затоа не ни е лесно, но верувавме во себе и го променивме текот на играта, - заклучи напаѓачот.








