Поради саботажи во Германија, Чешка ја зголемува безбедноста на аеродромите и железниците

Макфакс

04/09/2026

13:50

141

Големина на фонт

а а а

Чешка ги засилува безбедносните мерки на аеродромите и железниците поради серија инциденти и саботажи во соседната Германија, поврзани со хибридни напади за кои се обвинува Русија.

Поради најновите напади и саботажи во соседните земји, првенствено во Германија, Чешка ги засили безбедносните мерки, иако не го крева нивото на тревога поради заканата од терористички напади, објави министерот за внатрешни работи Љубомир Метнар.

„Во соседните земји, вклучително и Германија, Министерството за внатрешни работи внимателно ја следи ситуацијата со зголемувањето на бројот на инциденти за кои се сомнева дека се саботажа или хибридно дејство од страна на странска сила. Нашите безбедносни служби се во близок контакт со европските партнери“, рече Метнар на мрежата Икс.

Медиумите од неофицијални извори наведуваат дека Чешка ја зајакнала безбедноста на аеродромите и железничките и автобуските станици, а се планираат и други мерки.

Причината е низа инциденти и напади, првенствено во Германија, почнувајќи со откривањето на дрон со експлозиви на аеродромот во Лајпциг на почетокот на август во близина на авионот на украинската компанија „Антонов Ерлајнс“, за што оваа недела германските власти, по истрагата, ја обвинија Русија за хибриден напад.

Потоа следеа низа инциденти во Германија, кога неидентификуван објект експлодираше во близина на железничката станица во Аугсбург и неколку напади врз електричната инфраструктура, а во Полска два пожари во воени и други фабрики.

Премиерот Доналд Туск во средата објави дека пожарот во фабриката за дронови во градот Скаржиско-Камјена во понеделникот несомнено бил подметнат и дека станува збор за саботажа и го поврзал со хибридни напади од Русија, бидејќи украинската армија исто така ги користи овие дронови.

Најновите напади ги наведоа чешкиот премиер Андреј Бабиш и шефот на чешката дипломатија, Петр Мацинка, да покажат солидарност со Германија и нејзините сојузници и за прв пат да ја предупредат домашната јавност дека дури ни Чешка не смее да ја сфаќа саботажата и можната врска со Русија лесно, пишуваат медиумите.

„Сегашните безбедносни инциденти во Германија се многу сериозни и не можеме да ги сфаќаме лесно. Фактот дека последните неколку дена се случуваа, вклучувајќи го и нападот во Лајпциг, со кој германските разузнавачки служби ја поврзаа Русија, укажува на сериозноста на ситуацијата“, рече Андреј Бабиш оваа недела на мрежата Икс.