Манифестацијата „Карпошово културно лето 2026“ привлече околу 20.000 посетители во општина Карпош, нудејќи разновидни културни, уметнички и забавни содржини распоредени низ различни јавни простори и маала, со цел културата да се доближи до граѓаните.
Десет дена Карпош живееше со музиката, уметноста, филмот, детската смеа и средбите меѓу соседите. Плоштади, маала, училишни дворови, платоа и јавни простори станаа сцени, а нашите сограѓани – публика, учесници и дел од приказната. Под мотото „Карпош станува сцена“, општината и оваа година ја постави културата поблиску до граѓаните, овозможувајќи содржините да се одвиваат во маалата и јавните простори, наместо публиката да мора да ги бара исклучиво во традиционалните културни институции. Со околу 20.000 посети, Општина Карпош го заокружи 17-тото издание на „Карпошово културно лето 2026“ – десетдневна манифестација која од 20 до 30 август ја донесе културата поблиску до домовите на карпошани.
Програмските содржини на „Карпошово културно лето 2026“ годинава беа посетени од 20.000 карпошани.
Ова е уште една потврда дека кај жителите на Карпош постои интерес за културни, уметнички и забавни содржини што се одржуваат во јавниот простор и во непосредна близина на домовите на граѓаните, велат од општината.
Разновидноста на програмата овозможи во фестивалот да се вклучат деца, млади, возрасни и повозрасни карпошани, а содржините беа распределени низ повеќе населби и локации во општината.
Од детските активности и филмските проекции, преку изложбите и фолклорот, до концертите и спортските активности, „Карпошово културно лето“ понуди програма наменета за различни интереси и генерации.
Манифестацијата во текот на десетте дена привлече посетители и надвор од границите на општината, а концертите, културните содржини и атмосферата беа тема на интерес и низ Скопје.
„Општина Карпош упатува благодарност до сите уметници, музичари, автори, изведувачи, хорови, културно-уметнички друштва, млади творци, деца и останати учесници кои беа дел од програмата.
Благодарност и до соработниците, организациските, техничките и службите кои работеа на реализацијата на настаните, како и до водителките Викторија Петровска и Светлана Црнокрак.
Најголемата благодарност е до публиката – до сите карпошани кои ги посетија настаните, но и други посетители кои со своето присуство беа дел од 17-тото издание на „Карпошово културно лето“.
Со завршувањето на манифестацијата се изгасија рефлекторите, но останаа спомените, фотографиите, музиката и средбите создадени во текот на десетте фестивалски денови.
„Карпош станува сцена“ не беше само порака на овогодишното издание. Во текот на десетте дена, сцената навистина беше поставена низ различни маала и јавни простори, а најголемата сцена, како што покажаа и овогодишните настани, беше самиот Карпош – неговите маала, генерации и граѓани“.












