Речиси секоја вечер во Белата куќа, претседателот Доналд Трамп ѝ се јавува на својата главна оперативка за собирање донации, Мередит О’Рурк, за да ја провери состојбата на сметките.
Трамп го интересира кои компании уплатиле пари, кои сè уште се двоумат и за колкави суми станува збор, а редовно бара значително поголеми износи од планираните – на некои им одредува пет, а на други дури и 50 милиони долари, пишува „Волстрит џурнал“ во обемен истражувачки текст.
Трамповата „принцеза на темнината“ до директорите на корпорациите: Ова е исклучително важно за претседателот
„Ова е исклучително важно за претседателот. Тој лично побара од мене да ви се јавам и да ја побарам оваа донација“, им повторува О’Рурк на директорите на американските корпорации, а во телефонските разговори отворено им порачува: „Шефот ги сака тие пари“.
Трамп на шега ја нарекува својата соработничка „принцеза на темнината“ бидејќи е немилосрдна кон донаторите. Во неговиот втор мандат се собрани повеќе од 800 милиони долари, што претставува ниво на приватно финансирање какво што Белата куќа досега не видела во модерната историја.
Американските технолошки гиганти брзо се приспособиле на новите правила на игра. Јапонски „СофтБанк“ уплатил 50 милиони долари за идната претседателска библиотека на Трамп, „Еплс“ издвоил околу 25 милиони долари за изградба на нова свечена сала во Белата куќа, „Мајкрософт“ дал околу десет милиони, а „Амазон“ околу пет милиони долари. „Мета“ на Марк Цукерберг уплатила 10 милиони долари на политичкиот одбор на Трамп, покрај претходните 22 милиони долари за библиотеката преку спогодбата во врска со привременото блокирање на неговите профили на социјалните мрежи, дознава „Вострит џурнал“.
Вечери од милион долари и директен пристап до претседателот
Иако американските закони не им забрануваат на претседателите да собираат неограничени суми за непрофитни фондации и политички одбори, каде што имињата на донаторите честопати не мора ни јавно да се објавуваат, историчарите и аналитичарите предупредуваат дека Трамп создал систем на отворено корпоративно рекетирање. „Некогаш се зборуваше за изнајмување на Линколновата соба за кампањски донации во времето на Клинтон, но сега ова се претвори во огромно корпоративно поило“ коментирал за ВСЏ претседателскиот историчар Даглас Бринкли.
Клучна улога во операцијата имаат ексклузивните вечери со свеќи во Белата куќа и на имотите на Трамп, каде што влезницата чини еден милион долари по лице. Таму директорите на најмоќните компании добиваат директен пристап до претседателот, кој со часови седи со нив и отворено ги прашува: „Како можам да ви помогнам? Што ви треба?“ О’Рурк седи на масата и внимателно ги бележи ветувањата и желбите на бизнисмените, а белешките потоа им ги проследува на службениците во администрацијата.

Колку Трамп е посветен на собирањето пари покажува и податокот дека неполни 24 часа по почетокот на војната во Иран се појавил на донаторска вечера во Флорида. Настанот накратко бил прекинат само за Трамп да ја прими веста за убиството на иранскиот врховен лидер Али Хаменеи, по што се вратил на масата и со директорот на телекомуникациската компанија „Верајзон“ продолжил долга дискусија за видовите оптички кабли.
Договори со Пентагон и олеснување на регулативит
Директорите во неофицијални разговори признале дека администрацијата на Трамп функционира целосно трансакциски. Ако некоја компанија има проблем со регулаторите или сака профитабилен државен договор, претседателот прво прашува колку пари уплатила. Оние што плаќаат влегуваат на листата на подобни, а оние што одбиваат – отпаѓаат од неа, потврдиле за „Волстрит џурнал“ неколку раководители на компании што котираат на берзата. Аналитичарите овој механизам веќе го нарекуваат „трансакциски данок на Трамп“, со кој слободниот пазар се заменува со купување на наклонетоста на претседателот.
Примери за ваквата трговија со влијание веќе се гледаат во практика. Откако Трамп на својот терен за голф се сретнал со водечките луѓе од тутунската индустрија и собрал милиони долари за своите фондови, американската Агенција за храна и лекови (ФДА) експресно ги укинала забраните за одредени ароми на електронски цигари, а директорот на агенцијата бил сменет. Шест демократски сенатори отворено ја обвиниле тутунската компанија „Алтија“ дека со повеќемилионски уплати за салата на Трамп купила заобиколување на федералните закони.

Сличен образец се повторил и во воената индустрија. Гигантот „Локхид Мартин“ донирал повеќе од 10 милиони долари за инфраструктурни проекти и за одбележување на годишнината на САД. Набргу потоа Пентагон му доделил на „Локхид“ договор вреден до 35 милијарди долари за обновување на резервите на ракети потрошени во војната со Иран, а Трамп набргу објавил дека „Локхид“ со пет милиони долари ќе ја финансира и изградбата на нов хелиодром во комплексот на Белата куќа.
Радикален пресврт во однос на првиот мандат
Ваквиот пристап претставува целосна спротивност на реториката на Трамп од 2015 година, кога тврдел дека сам ја финансира својата кампања, политичките одбори ги нарекувал измама и им ветувал на гласачите дека ќе го „исуши вашингтонското мочуриште“. За време на првиот мандат, Трамп избегнувал агресивно барање пари од компаниите, но неговите соработници сведочат дека по победата во 2024 година сфатил колку корпоративни директори чекаат во ред пред Мар-а-Лаго со чекови во рацете и ѝ наредил на О’Рурк да „го кова железото додека е жешко“.

Од Белата куќа ги отфрлаат сите сомнежи за корупција и тврдат дека Трамп е „најуспешниот собирач на политички средства (пари) во модерната историја“ и дека претседателот „не може да се купи“. Сепак, самиот Трамп пред донаторите не крие колку лесно извлекува пари од корпоративна Америка.
На неодамнешната донаторска вечера во Белата куќа, тој отворено им се пофалил на собраните директори: „Прашав еден од вас дали 25 милиони долари би биле во ред. Тој рече дека се согласува. Не се потребни многу такви донации од по 25 милиони за да се заврши работата“.
















