Државата се задолжува за да може да ја врати обврзницата земена во корона-кризата за модуларни болници, вели Мицкоски

Макфакс

04/09/2026

13:00

170

Големина на фонт

а а а

Премиерот Мицкоски појаснува дека новото задолжување на државата е потребно за враќање на долговите од корона-кризата, вклучувајќи ја и еврообврзницата која била земена за изградба на модуларни болници. Министерството за финансии најавува ново издавање еврообврзница во 2027 година за покривање на должничките обврски и финансирање на буџетскиот дефицит.

Заемите на Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП) не се запишани оти не влегуваат во јавниот долг, а новото задолжување е неопходно за државата да ги врати долговите направени во корона-кризата. Вака денес премиерот Христијан Мицкоски одговори на обвинувањата од опозицијата дека во јавниот долг не е пресметан долгот на ЈПДП и дека се оди на ново задолжување оти нема пари во буџетот да се истурка оваа година.

Зошто не се вклучени заемите на ЈПДП

„Првата теза беше зошто не биле запишани оние заеми коишто Јавното претпријатие за државни патишта ги зема. Затоа што тие не влегуваат во јавниот долг. И тоа треба да го знаат, затоа што има Закон за јавен долг. И тие заеми се рамковни, односно во зависност од тоа како се напредува на терен и како се завршуваат активностите, така се испорачуваат фактури и така се повлекуваат заеми и се плаќаат. И втората теза: зошто онаа одлука на Владата од 31 август за задолжување на меѓународен пазар не била во ребалансот на буџетот? Затоа што таа е за да се издаде еврообврзница во следната година, за да можеме да ги вратиме нивните долгови коишто го крадеа народот и ги празнеа буквално институциите и министерствата, за да може да ја вратиме обврзницата којашто тие ја земаа во корона-кризата за да можат да горат модуларни болници, за да можат да набавуваат стари вакцини, а притоа граѓаните да бидат на дното според превенцијата, а на врвот по број на жртви за време на корона-кризата. Ете таа опозиција денеска ние ја имаме во Македонија. Значи, бандитска опозиција којашто продолжува да биде континуитет на бандитската власт во периодот кога СДСМ и ДУИ беа власт во Македонија“, рече премиерот Мицкоски по прошетката во општина Карпош.

Прогноза за задолжување и враќање на долг

Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска вчера извести дека задолжување со издавање нова еврообврзница е предвидено во проекциите за 2027 година оти државата треба да врати долг од речиси 1,5 милион евра за хартии од вредност и кредити, внатрешен и надворешен долг. На тоа треба да се додадат државните записи со рок до 12 месеци со вредност од околу 1,1 милијарда евра кои доспеваат следната година, а кон вкупната сума треба да се додаде и планираниот буџетски дефицит од 3,5 проценти кој дополнително треба да се финансира.