ВМРО-ДПМНЕ ги обвинува градоначалникот Герасимовски дека општина Центар ќе потроши 6,6 милиони денари годишно за мобилна апликација, која тој тврди дека е бесплатна, што предизвикува контрадикторности и бара објаснување за високите расходи.
„Господине Герасимовски ја читаме вашата вчерашна реакција на прес-конференцијата на ОК Центар и не можеме да си поверуваме со каква леснотија ширите дезинформации, квалификации и манипулации. Вчера обзнанивме во јавноста дека општина Центар, поточно вие како нејзин градоначалник сте потрошиле 6,6 милиони денари на мобилна апликација, за која никој не знае за што ќе се користи“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Вие велите дека апликацијата ја изработил вработен во општината волонтерски и дека за нејзина изработка не е потрошен ниту денар. Потоа пак велите дека единствениот трошок бил 200 евра за пуштање на апликацијата. Тука е првата лага и контрадикторност. Или е бесплатна или не е.
Второ, на страната за јавни набавки јасно се гледа дека за апликацијата на “вработениот” од општина Центар “волонтерски” биле исплатени 6,6 милиони денари, и тоа за 12 месеци. До крајот на вашиот мандат има уште 36 месеци што значи центарци ќе платат 20 милиони денари за апликација, која вие ја правите за да задоволите нечиви апетити.
Господине Герасимовски, навистина сметавме дека сте поразличен од другите во вашата партија, но ДНК-то на Заев и Филипче влегло кај сите од вас и само знаете за местење тендери, набавки и корупција.
Очекуваме одговор од Герасимовски зошто жителите на Центар од Буџетот на општината ќе трошат годишно 6,6 милиони денари за апликација, а Герасимовски вели дека е бесплатна, односно евтина 200 евра“, соопштуваат од ВМРО-ДПМНЕ.












