94 функционери казнети со по 300 евра за непријавување на имотната состојба

A1ON.MK

20/08/2026

16:08

651

Големина на фонт

а а а

Државната комисија за спречување на корупцијата на 29 јули изрекла 94 глоби од по 300 евра на избрани и именувани лица кои во законски предвидениот рок не поднеле изјава за имотна состојба и интереси.

Вкупната вредност на изречените глоби е 28.200 евра.

Меѓу казнетите има поранешни градоначалници, директори на јавни претпријатија, општински советници, директори на установи, членови на управни и надзорни одбори, судии и други избрани и именувани лица.

Меѓу позвучните имиња е Костадин Костадинов, кој е казнет по престанокот на функцијата градоначалник на Струмица, како и Александар Стојкоски, кој е казнет по престанокот на функцијата градоначалник на Ѓорче Петров. Со глоба е казнет и Алија Јаоски по престанокот на функцијата градоначалник на Пласница.


На списокот е и Васе Ристов, кој не поднел изјава по престанокот на функцијата генерален директор на Македонска опера и балет.

Драги Кушовски се појавува двапати во списокот. Една глоба од 300 евра му е изречена по изборот за директор на ЈСП Скопје, а втората по престанокот на функцијата. Тоа значи дека во двата одделни случаи не ја поднел изјавата во законскиот рок.


Двапати е казнет и Ненад Јосевски во врска со функцијата ВД директор на ЈП „Дрисла“ – Скопје. Едната глоба се однесува на изборот на функцијата, а другата на престанокот на функцијата.

И Дарко Јангелов има две одделни глоби – една по назначувањето за секретар на Општина Виница и една по престанокот на функцијата.

Меѓу казнетите е и Луке Галески, по изборот за член на Советот на Град Скопје, како и Мартин Стојановски, по изборот за пратеник во Собранието.

Глоба добиле и Елена Паговска Пелтековски, по изборот за член на Надзорниот одбор на Развојната банка на Северна Македонија, Катарина Мирчовска, по именувањето за директор на ЈЗУ Општа болница со проширена дејност Кочани, како и Драги Кушовски, Ненад Јосевски и Ивана Трајкоска, поврзани со раководни функции во јавните претпријатија во Скопје.


Најголемиот дел од 94-те случаи се однесуваат на општински советници. Во списокот има советници од Куманово, Желино, Гази Баба, Теарце, Дебар, Охрид, Струмица, Чашка, Гостивар, Радовиш, Дебарца, Сопиште, Новаци, Демир Капија и други општини.

Причината за глобите, според објавените податоци на ДКСК, не е утврдено поседување на „скриен“ имот, туку непочитување на обврската навреме да се поднесе изјава за имотна состојба и интереси. Кај едни лица обврската настанала по избор или именување на функцијата, а кај други по престанокот на функцијата.

Во неколку случаи истото лице е казнето двапати со по 300 евра – еднаш при преземање на функцијата и повторно по нејзиното завршување.

ДКСК во објавата наведува и случаи на неспоивост на функции, односно лица кои истовремено извршувале две функции за кои постои законска забрана, при што и за овие прекршоци се изречени глоби од по 300 евра.

Целосниот список на ДКСК: Информации за изречени глоби – 2025 и 2026 година.