„Ferrari“ доби многу критики за својот прв електричен автомобил, „Luce“, но италијанскиот производител сега докажува дека критичарите можеби погрешиле. И покрај негативните оценки, тестирањата покажаа дека „Luce“ се вози подобро од очекуваното, а сега контроверзниот електричен модел собори и рекорд за најскап нов автомобил некогаш продаден на аукција.
Првиот произведен примерок, познат како „Шасија 0“, минатиот викенд беше продаден за неверојатни 40 милиони долари на аукцијата на „RM Sotheby’s“ за време на манифестацијата „Monterey Car Week“. Тоа е речиси 40 пати повеќе од проценетата вредност пред аукцијата, која изнесуваше 1,1 милион долари, и дури 14 милиони долари повеќе од уникатниот модел „Daytona SP3“, кој минатата година беше продаден на истата аукција.

Ексклузивна изработка
Автомобилот со ознака на шасијата ZFF21BUA8T0338000 е уникатно конфигуриран преку програмата „Ferrari Tailor Made“. Каросеријата ја краси ексклузивната боја „Madraperla Semi-Gloss“, развиена специјално за овој примерок.
Според информациите од „Ferrari“, пигментот создава иридесцентни отсјаи кои преминуваат од зелена во виолетова боја, во зависност од интензитетот и аголот на светлината. Посебниот впечаток го надополнуваат специјално дизајнираните фелни, рачно изработените сопирачки клешти и логото на „Ferrari“ поставено на оптички бела подлога.
Ентериерот е обложен со кожа „Le Mans“ во бојата „Perla“, материјал развиен исклучиво за програмата „Tailor Made“. За првпат, кај секундарните елементи во ентериерот, наместо традиционалната црна боја е употребена средносива нијанса наречена „Grigio Corvara“, благодарение на што кабината изгледа значително посветло. Како посебен детаљ, автомобилот има и плочка која го потврдува неговиот уникатен статус.

Испорака дури во 2027 година
Иако некој плати огромна сума за првиот произведен електричен модел на „Ferrari“, автомобилот нема веднаш да го добие. Засега останува непознато дали сопственикот навистина ќе го вози или ќе го чува недопрен, со надеж дека неговата вредност дополнително ќе расте.
Возилото, произведено во согласност со американските стандарди, ќе биде вратено во Маранело, а испораката е планирана за првиот квартал од 2027 година. Доколку купувачот не е од Соединетите Американски Држави, ќе мора дополнително да ја плати хомологацијата за автомобилот да може легално да се вози во неговата земја.
Кога станува збор за парите, „Ferrari“ нема да задржи ништо од продажбата. Целиот износ ќе биде дониран преку „Ferrari Foundation“, која средствата ќе ги насочи кон идни образовни програми.













