„Louis Vuitton“ и „Singer“ ги здружија силите во еден од понеобичните автомобилски проекти годинава. Калифорнискиот „Singer“, познат по врвните реставрации и реинтерпретации на класичните „Porsche 911“, заедно со „Louis Vuitton“ претстави два специјално персонализирани автомобили создадени како резултат на нивната соработка.
Соработката не настанала случајно. Од „Singer“ велат дека станува збор за спој на два бренда кои ги поврзуваат патувањата, опседнатоста со деталите и рачната изработка, додека „Louis Vuitton“ целата приказна ја поврзува со својата филозофија „Art of Travel“.
Два „Porsche“ автомобили, но со сосема поинаков потпис
Најинтересниот дел од приказната е што овде не станува збор за класично „модно“ брендирање на автомобилите. „Singer“ и „Louis Vuitton“ не се задоволиле само со неколку логоа и посебна боја на каросеријата, туку отишле многу подалеку во персонализацијата на целиот проект.

„Singer“ и претходно покажуваше колку далеку може да оди во реставрацијата и преобликувањето на класичните „Porsche 911“, а оваа соработка дополнително ја подигна приказната на повисоко ниво, бидејќи „Louis Vuitton“ во неа го внесе својот препознатлив луксузен и дизајнерски потпис.

Визуелно, целиот проект изгледа како спој на автомобилското колекционерство и високата мода. Токму затоа приказната има многу поширок досег од типична автомобилска вест – ова не е само „Porsche“ за љубителите на „911“, туку и луксузен предмет за публиката која ги следи дизајнот, модата и ексклузивните лимитирани соработки.
























