Мел Гибсон го потврди снимањето на „Смртоносно оружје 5“: Ги откри и првите детали за новиот филм

Точка

14/08/2026

18:06

229

Големина на фонт

а а а

По години шпекулации и одложувања, петтото продолжение на култната акциска франшиза конечно добива појасни контури. Актерот Мел Гибсон потврди дека ќе го режира „Смртоносно оружје 5“, а филмот повторно би требало да ги обедини Мартин Ригс и Роџер Мурто.

Гибсон зборувал за проектот на панелот „Fan Expo Boston“, каде што открил дека новото продолжение нема да се потпира на огромни експлозии и визуелни ефекти. Наместо тоа, приказната ќе биде повеќе насочена кон односот меѓу двајцата главни јунаци, кои повеќе не се акциските полицајци какви што ги памети публиката.

„Нема да има големи експлозии и сите тие работи. Но, и понатаму ја има енергијата на голем акциски филм“, изјавил Гибсон.

Ригс и Мурто ќе се соочат со годините

Дејството ќе продолжи по четвртиот филм, но околностите се променети. Еден од протагонистите е во пензија, додека другиот работи канцелариска работа и повеќе не е во формата од своите најдобри денови.


Гибсон објаснил дека филмот ќе има акција, но поголем акцент ќе биде ставен на ликовите и нивното секојдневие. Како пример за тонот што сака да го постигне, го наведе својот филм „Apocalypto“, во кој тензијата произлегуваше од дејството и ликовите, а не од големите спектакуларни сцени.

Проектот му е лично важен на Гибсон бидејќи оригиналниот режисер на серијалот Ричард Донер почина во 2021 година, додека сè уште работеше на петтото продолжение. Гибсон раскажал дека Донер пред смртта го замолил да го преземе проектот доколку тој не успее да го заврши.


„Еј, момче, ако ме снема, ти ќе се погрижиш за ова, нели?“, се присетил Гибсон на зборовите на Донер.

По смртта на Донер, Гибсон заедно со сценаристот Ричард Венк продолжил да ја развива приказната, водејќи се од прашањето: „Што би направил Донер?“.

Иако сценариото, според зборовите на Гибсон е подготвено, филмот сè уште не влегол во продукција. Како главна пречка ги наведе корпоративните промени во „Ворнер брос“ но се надева дека ситуацијата наскоро би можела да се реши.

Сака повторно да соработува со Дени Гловер

Гибсон сака во филмот да се приклучи и Дени Гловер, кој во сите четири досегашни продолженија го толкувал Роџер Мурто.


„Се надевам дека ќе успееме да го реализираме ова со ’Смртоносно оружје‘ заедно со Дени, кој е некаде тука“, нагласил Гибсон на крајот од панелот.

Доколку проектот добие зелено светло, Гибсон верува дека филмот би можел релативно брзо да стигне пред публиката. Враќањето на Гибсон и Гловер би значело ново поглавје во приказната за Ригс и Мурто, двајцата полицајци кои се промениле, но очигледно сè уште не се подготвени да ги остават значките.