Вештачката интелигенција сè повеќе работи наместо нас. Дали поради тоа стануваме поглупави?

Точка

10/08/2026

19:01

302

Големина на фонт

а а а

Кога последен пат сте напишале важна е-пошта без притоа да користите вештачка интелигенција (AI)? Дали навистина сте ги прочитале сите 46 страници од некој PDF-документ за вашиот проект или му дозволивте на четбот да ви го сумира целиот текст во неколку клучни точки?

Истражувањата покажуваат дека меѓу 44 и 52 проценти од вработените во Обединетото Кралство користат AI на своето работно место, но редовно ја користат само меѓу 15 и 35 проценти од нив, пишува германската новинска агенција „dpa“.

Повеќето вработени кои користат AI главно експериментираат со неа или ја применуваат за рутински административни задачи.

Во Германија, околу 80 проценти од луѓето повремено користат AI на работа, покажало едно истражување. Некои ја користат и за важни работи, но најчесто поради едноставноста и практичноста.

Многумина се свртуваат кон „ChatGPT“, „Gemini“, „Claude“ или други четботови едноставно затоа што се практични, покажува истражувањето на институтот „Pinktum“.

Нивната студија открила дека 43 проценти од испитаниците користат AI на работа делумно затоа што „ретко сакаат подлабоко да навлезат во одредени теми“.

Дали сè повеќе се потпираме на AI да размислува наместо нас на работното место? И дали поради тоа стануваме сè помалку компетентни? „dpa“ разговараше со експертка за губењето на вештините, односно таканаречениот „deskilling“, предизвикан од употребата на вештачката интелигенција.

Што е „deskilling“?

„Deskilling“ го опишува потенцијалното губење на вештините како последица на зголемената употреба на AI, објаснува Жозефин Хофман од германскиот Институт за индустриско инженерство „IAO“.

Според неа, постојат два вида на овој феномен. Првиот е дека луѓето можат да ги изгубат вештините што веќе ги поседуваат.

Но, таа смета дека значително поголем проблем е тоа што одредени вештини – како читањето, разбирањето и критичкото преиспитување на текстовите, нивното самостојно пишување и создавањето ново знаење – повеќе воопшто не се развиваат поради користењето системи со вештачка интелигенција.


Колку е значаен овој ефект?

„Наодите се мешани: областа во која се спроведуваат истражувањата е исклучително динамична“, вели Хофман. Причинско-последичната врска меѓу користењето AI и намалувањето на способноста за критичко размислување сè уште не е неспорно докажана.

Сепак, истражувањата покажуваат јасни корелации. Студија на приватната швајцарска високообразовна институција „SBS“ открила силна негативна поврзаност меѓу честото користење AI и способноста за критичко размислување.

Токму основните вештини можат долгорочно да ослабнат, како разбирањето текстови, проценувањето информации, формулирањето сопствени мисли и, преку тоа, создавањето ново знаење. „Тоа е активност што мора да се научи, а потоа и да се вежба“, вели Хофман.

Ако AI сè повеќе ги презема ваквите задачи, луѓето почнуваат да имаат сè помалку практика. Освен тоа, според неа, го губиме и чувството дека нешто сме сфатиле или решиле самостојно, што може да влијае врз нашата мотивација и подготвеноста за учење.

Дали улога игра и нашата удобност?

Факт е дека вештачката интелигенција штеди време и труд, што ја прави толку привлечна. Можностите што брзо се развиваат можат да нè наведат сè помалку самостојно да размислуваме.

„Луѓето постепено губат когнитивни активности“, вели Хофман. Сепак, една од причините за тоа е и „неверојатниот притисок сè да се забрзува“ во деловниот свет.


Какви ризици создава тоа?

Според анкетата на институтот „Pinktum“, 70 проценти од испитаниците изјавиле дека „по правило“ ги проверуваат резултатите што им ги прикажува AI. Слепото потпирање на тие резултати „би било катастрофално. Тоа со себе носи ризик постепено да ги изгубиме клучните вештини“, предупредува педагогот и експерт за управување со човечки ресурси Карина Ебли-Корбел.

Хофман вели дека луѓето се „склони да се оддалечуваат од разбирањето и да преминуваат кон делегирање“. Клучниот ризик од препуштањето задачи на AI е што, со губењето на човечките вештини, станува потешко да се забележат грешките или недоследностите што ги создава технологијата.

„Тогаш навистина повеќе не сте во позиција да го гарантирате квалитетот“, предупредува таа.

Можеме ли да се спротивставиме на тоа?

Клучот лежи во свесното користење на AI.

„Секако дека можеме да ја користиме AI за да ги зајакнеме сопствените мисловни процеси“, вели Хофман. Таа препорачува на AI да се гледа како на партнер во размислувањето. Еден од можните пристапи е на четботот да му напишете: „Предизвикај ме, постави ми дополнителни прашања“.

Истовремено, важно е редовно да ги вежбаме основните вештини без помош на вештачката интелигенција, дури и ако тоа бара повеќе време. Работодавците мора да обезбедат доволно време и ресурси за тоа да биде возможно.

Ебли-Корбел смета дека одговорноста пред сè е кај поединецот. Организациите можат само да ја зголемат свеста за проблемот. Таа ги советува вработените свесно да избегнуваат одредени задачи да ѝ ги препуштаат на AI.

„На пример, можам редовно сама да ги пишувам е-пораките, особено кога станува збор за размислување, а не само за тоа како нешто ќе го формулирам.“

И на работното место треба свесно да размислуваме со каква цел пристапуваме кон одредена задача.

„Ако сакам да го утврдам сопственото знаење, морам сама повторно да прочитам нешто и да размислам за она што сум го научила“, вели Ебли-Корбел.


Може ли AI да ги зајакне нашите вештини?

„Она што можете да го изгубите, можете и да го добиете“, вели Ебли-Корбел. На пример, креативноста може да се поттикне така што резултатите генерирани од AI ќе се земат како почетна точка, а потоа луѓето самостојно ќе ги доразвиваат.

Целното користење на вештачката интелигенција може да помогне во развојот на когнитивните способности, вели организацискиот психолог Маркус Лангер во интервју за германското списание „Psychologie Heute“, делумно затоа што е потребно зголемено внимание за да се забележат грешките во текстовите генерирани од AI. Оние кои критички ги преиспитуваат и ги подобруваат предлозите на AI, всушност го вежбаат сопственото расудување.

AI може да им помогне на луѓето побрзо да навлезат во нови теми или да ги откријат празнините во сопственото знаење. Ако се користи правилно, AI може да стане партнер во насоченото подобрување на вештините.

Отвореноста кон нови идеи е клучна, бидејќи овозможува полесно да ги препознаеме позитивните аспекти на технологијата и помага стравот дека новите технологии ќе нè заменат да не нè спречува во развојот.

„Стравот нè спречува дополнително да се развиваме“, смета Ебли-Корбел. Само оние кои вложуваат во сопствениот развој можат да размислуваат и да дејствуваат долгорочно.