[ВИДЕО] Јужнокорејско летало го сними кратерот што ракета на „SpaceX“ го направи на Месечината

Точка

09/08/2026

10:55

811

Големина на фонт

а а а

Јужнокорејското лунарно летало „Danuri“ го сними кратерот што настана откако горниот степен на ракетата „Falcon 9“ на компанијата „SpaceX“ удри во површината на Месечината во средата наутро.

Корејскиот лунарен орбитер, официјално наречен „Korea Pathfinder Lunar Orbiter“, односно „Danuri“, започнал со набљудувања околу 30 минути пред судирот. Потоа, благодарение на корекциите на орбитата, повеќепати прелетал над местото на ударот и вкупно извршил осум снимања.

Од Корејскиот институт за воздухопловни истражувања (KARI) соопштија дека снимките потврдиле промени на теренот околу местото на ударот, како и траги од исфрлен материјал.

„Danuri обезбеди снимки пред судирот и непосредно по него, што овозможува анализа на промените предизвикани исклучиво од овој настан и претставува важен извор на податоци за научни истражувања“, соопштија од KARI, пренесува „Space“.

Ракетата „Falcon 9“ беше лансирана на 15 јануари 2025 година и кон Месечината упати две приватни роботски летала – „Blue Ghost“ на компанијата „Firefly Aerospace“ и „Resilience“ на јапонската компанија „ispace“. „Blue Ghost“ успешно слета на Месечината на 2 март истата година, додека „Resilience“ се урна при обидот за слетување.

Првиот степен на ракетата се врати на Земјата за повторна употреба, но горниот степен, тежок околу четири тони, остана во вселената бидејќи речиси целото гориво го потроши при испраќањето на товарот кон Месечината. Со текот на времето, сончевата активност и гравитациските сили ја промениле неговата траекторија и го насочиле кон Месечината.

Според податоците на KARI, ударот се случил во 2:34 часот по источноамериканско време, односно во 6:34 часот по Гринич, токму како што предвиделе научниците. Проценките покажуваат дека ракетниот степен удрил во Месечината со брзина од околу 8.690 километри на час и создал кратер широк до 27 метри.

Научниците очекуваат новите набљудувања на „Danuri“, како и идните податоци од други лунарни сонди, да помогнат во потврдувањето на овие проценки.

„Податоците што ги собра Danuri ќе бидат поврзани со последователните набљудувања на орбитерот ’Lunar Reconnaissance Orbiter‘ на ’NASA‘ и ќе се користат во заеднички меѓународни истражувања“, соопшти KARI.

Можно е ударот да бил регистриран и со телескопи од Земјата. Астрономите од Институтот за астрофизика на Андалузија во Шпанија веруваат дека снимиле облак од материјал исфрлен од површината на Месечината во моментот на ударот.

Ова не е првпат ракетен степен да заврши на Месечината. Третиот степен на кинеската ракета „Long March 3 C“ удри во Месечината во 2022 година, додека и третите степени на ракетата „Saturn V“ на „NASA“ за време на програмата Аполо оставиле повеќе кратери на нејзината површина.

„Danuri“ е првата јужнокорејска мисија кон Месечината. Беше лансиран на 4 август 2022 година со ракета „Falcon 9“, а четири месеци подоцна влезе во орбита околу Месечината. Леталото носи шест научни инструменти, од кои еден е „ShadowCam“ на „NASA“, наменет за потрага по воден мраз во трајно засенетите области на половите на Месечината.