Сопствениците на некогаш најпопуларната социјална мрежа во светот, Мајспејс, најавија дека платформата би можела повторно да заживее, поттикната од бранот на носталгија и заситеноста од алгоритмите. Сепак, аналитичарите предупредуваат дека шансите за успех на пазарот не се големи.
Мајспејс во 2003 година го основале Том Андерсон и Крис де Волф, а во 2008 година платформата достигнувала околу 115 милиони посетители месечно, пренесе Си-ен-би-си.
Била позната по целосно приспособливите профили, необичниот дизајн и славниот Том Андерсон, кој автоматски му станувал првиот пријател на секој нов корисник.
Браќата Тим и Крис Вандерхук го купиле Мајспејс во 2011 година, а подоцна се обиделе да го модернизираат за да може да држи чекор со експлозивниот раст на Фејсбук.

Експериментот не успеал, а браќата Вандерхук тврдат дека и покрај тогашната загуба од 150 милиони долари, го чекаат вистинскиот момент за враќање.
Парадоксот е во тоа што Мајспејс би можел да се врати токму во момент кога корисниците повторно почнуваат да го преиспитуваат моделот на социјалните мрежи што своевремено го потисна.
Инстаграм, ТикТок, Фејсбук и другите големи платформи денес главно се потпираат на алгоритми, кратки видеосодржини и постојано привлекување на вниманието, што кај дел од корисниците предизвикува заситеност и замор.
Дел од милениумците и припадниците на генерацијата Зет сè повеќе се обидуваат да го намалат времето поминато на социјалните мрежи и се свртуваат кон помали дигитални заедници, што би можело да претставува можност за враќање на Мајспејс.
Сепак, експертите оценуваат дека Мајспејс ќе се соочи со сериозни пречки доколку сака повторно да стане профитабилен.

Корисниците кои се сеќаваат на Мајспејс денес се возрасни луѓе со работа и семејства, па се поставува прашањето дали ќе сакаат повторно активно да објавуваат содржини на уште една социјална мрежа.
Истовремено, помладите корисници, кои не го користеле оригиналниот Мајспејс, очекуваат поедноставен интерфејс, брзо откривање содржини и кратки видеоформати.
Покрај тоа, помалите и средните платформи потешко привлекуваат огласувачи, а примерите на апликации како Блускај покажуваат дека почетниот бран на интерес честопати брзо спласнува, по што следува нагло намалување на бројот на активни корисници.
Мајспејс го планира своето враќање во период кога ширум светот се воведуваат построги регулативи и забрани за користење на социјалните мрежи од страна на малолетници, што дополнително ја усложнува стратегијата за раст, се додава во анализата.








