Мекензи до Џошуа: „Те молам, пензионирај се! Направи го тоа додека сè уште можеш да одиш, заради твоето здравје и заради оние кои те сакаат!“

Точка

31/07/2026

20:50

628

Големина на фонт

а а а

Иако заврши пред речиси една недела, борбата меѓу Ентони Џошуа и Кристијан Пренга сè уште предизвикува реакции во светот на боксот. Потсетуваме албанскиот тешкаш уште во првата рунда двапати го испрати поранешниот светски шампион во нокдаун, но веќе во следната рунда капитулираше и беше нокаутиран.

Развојот на настаните во рингот во Џеда, Саудиска Арабија, изминативе денови го коментираа бројни боксерски експерти и поранешни шампиони, а меѓу последните свое мислење даде и Дјук Мекензи, пензионираниот британски боксер (39-7), кој во текот на професионалната кариера освои светски титули во три различни тежински категории – мува (IBF), бантам (WBO) и супербантам (WBO).

Коментарот на Мекензи беше насочен пред сè кон „Еј-Џеј“ (Ентони Џошуа), кому му испрати повеќе од јасна порака.

„Лично би сакал Еј-Џеј да престане да боксува, бидејќи покажа јасни знаци дека повеќе не може да поднесува удари. Не ми се допаѓа тоа што го гледам и некој што го познава и го сака треба да седне со него и да му каже: ’Ти си неизмерно богат, сврти се и замини од овој спорт пред повеќе да не можеш да одиш‘“, му порача 63-годишниот Британец на својот сонародник преку својот Јутјуб канал, а потоа додаде:



„Ми се чини дека е во заблуда и мисли дека може да продолжи, но ако навистина го направи тоа, ќе биде готов. Тогаш ниту сите пари што ги има нема да можат да му го купат здравјето“.

Потоа Мекензи повторно инсистираше дека Џошуа треба да размислува за своето здравје и што е можно поскоро да ги „закачи ракавиците на клин“.


„Ова не е нуклеарна физика, сите видовме што се случи. Требаше лесно да го совлада противникот со кој боксуваше, а тој едвај стоеше на нозе штом го прими првиот посилен удар. Мојата искрена порака до него е: ’Сè уште го имаш здравјето, имаш пари, напушти го овој спорт. Повеќе не мораш да се бориш, а особено не мораш да се бориш со Тајсон Фјури. Твоето име е веќе зацементирано, имаш свое наследство и постигна сè што можеше да посакаш во овој спорт. Ако ти е грижа за твоето здравје, за твоето наследство и за сите што се грижат за тебе, те молам, пензионирај се веднаш. Повеќе не мораш никому ништо да докажуваш. Ова не е игра. Сакаме да те паметиме како здрав, силен, подготвен и разумен човек“, истакнал Мекензи.

Тешко е да не се согласиме со добронамерните ставови и желби на Мекензи. Сепак, бизнисот, а особено боксерскиот, не се темели на хуманистички принципи, туку главниот двигател е исклучиво финансискиот интерес.

Со оглед на комерцијалниот и маркетиншкиот потенцијал што сè уште го носи евентуалната борба меѓу Џошуа и Фјури, тешко е да се замисли дека таа борба, особено сега кога се создадени сите предуслови, нема да се одржи затоа што некој се грижи за здравјето на Џошуа.