Првата фотографија од краткиот филм „Flesh Impact“ ја открива Дакота Џонсон во улогата на Мерилин Монро, со кратка руса коса и препознатливиот белег, поради кои изгледа речиси непрепознатливо.
Холивудските трансформации често се потпираат на што е можно поголема физичка сличност, но Меги Џиленхол одлучила да тргне по поинаков пат и на публиката да ѝ понуди своја верзија на една од најголемите филмски икони на сите времиња.
Објавена е првата фотографија од краткиот филм „Flesh Impact“, во кој главната улога ја толкува Дакота Џонсон. За потребите на снимањето, актерката ја заменила долгата кафеава коса со кратка руса перика, а нејзиниот изглед е дополнет со препознатливиот белег над горната усна и шминка инспирирана од златната ера на Холивуд. Резултатот е трансформација поради која 36-годишната ѕвезда на прв поглед е речиси невозможно да се препознае.
Џиленхол, која го напишала сценариото и го режирала филмот, откри дека уште од самиот почеток ја замислувала токму Дакота Џонсон во главната улога. Сепак, во еден момент се загрижила дека актерката не наликува доволно на Мерилин Монро.

„Тоа е смешно. Кого му е гајле?“, се присетила таа на својата реакција, објаснувајќи дека ликот на Мерилин со децении бил толку комерцијализиран и претворен во мит што нејзината вистинска слика станала речиси недостижна. Џиленхол и Џонсон претходно соработувале на филмот „Изгубената ќерка“ од 2021 година.
Две верзии на Мерилин
Во филмот се појавува и 93-годишната Елен Бурстин, која ја толкува замислената постара верзија на Мерилин – онаа што светот никогаш немал можност да ја запознае. Приказната следи мистериозна старица која доаѓа на аудиција во мал њујоршки театар. Додека зборува за своето актерско искуство и квалификации, постепено на површина излегуваат тајните за нејзиниот идентитет и погрешните претстави што го обележале нејзиниот живот.

Краткиот филм трае 17 минути, а покрај Дакота Џонсон, во него глумат и Питер Сарсгард и Сепиде Моафи. Насловот „Flesh Impact“ е инспириран од зборовите на режисерот Били Вајлдер, кој силното присуство на Мерилин Монро на филмското платно го опишувал како нешто толку реално што изгледало како гледачите да можат да ја допрат.
„Овој филм е спој од Мерилин и мојата фантазија за неа“, истакнала Џиленхол, додавајќи дека приказната не е посветена само на славната актерка, туку и на актерките воопшто, како и на необичната професија која истовремено носи голема моќ и изразена ранливост.
Мерилин Монро почина во август 1962 година, на само 36-годишна возраст, но фасцинацијата со нејзиниот живот, кариера и трагична судбина никогаш не згасна. Во 2026 година се одбележува стогодишнината од нејзиното раѓање, а „Flesh Impact“ нуди поинаков поглед на животот што можела да го има.

Филмот премиерно ќе биде прикажан надвор од конкуренција на 83. Венециски филмски фестивал, кој ќе се одржи од 2 до 12 септември 2026 година. На фестивалот, Елен Бурстин ќе го прими и престижниот „Златен лав“ за животно дело.









