Елена Мицковска е избрана за член на Управниот Одбор на Светската федерација на училишен спорт, што претставува прв претставник на Македонија во највисоките структури на оваа светска организација, давајќи им можност на македонските младински спортисти да учествуваат во креирањето на идните политики и проекти на глобално ниво.
Претседателката на Федерацијата на училишен спорт на Македонија, Елена Мицковска, е избрана за член на Управниот Одбор на Светската федерација на училишен спорт (ISF), највисокото управувачко тело на оваа организација, соопшти Федерацијата на училишен спорт на Македонија.
На првиот состанок на новиот Извршен одбор на ISF, кој се одржа во Белград, беше формирана управувачката структура за новиот четиригодишен мандат, од 2026 до 2030 година. Токму на овој состанок беше донесена одлуката Мицковска, заедно со Олабиси Џозеф од Нигерија, да бидат претставници на Извршниот одбор во Управниот Одбор на ISF, највисокото управувачко тело.
Овој избор има огромно значење за Македонија, бидејќи за првпат нашата земја добива свој претставник во највисоките структури на Светската федерација на училишен спорт. Тоа е признание за досегашната работа и развојот на училишниот спорт кај нас, но и голема можност Македонија активно да учествува во креирањето на идните политики и проекти за младите спортисти на глобално ниво.
Со формирањето на Управниот Одбор, ISF ја заокружи клучната фаза од воспоставувањето на раководната структура за новиот мандат.
Новиот Управен одбор на ISF го сочинуваат:
• Претседател: Жељко Танасковиќ
• Потпретседатели: Антонио Хора Фило, Јусеф Белкасми и Лианшуаи Тенг
• Претставници на Извршниот одбор: Елена Мицковска и Олабиси Џозеф
• Генерален секретар: Хаснаех Ел Ајуби











