Андреа Пирло беше најавен како иден селектор на италијанската фудбалска репрезентација, но медиумите на „чизмата“ пренесуваат дека може да остане без функцијата поради неговиот контроверзен договор со руски букмејкер.
Пирло беше изборот на Паоло Малдини и Леонардо за наследник на Џенаро Гатузо и двоецот очекуваше максимална поддршка од новото раководство на федерацијата, но претседателот Џовани Малаго е под притисок поради поврзаноста на Пирло со Русија.
Неодамна, италијанската легенда беше претставена како амбасадор на рускиот букмејкер „Фонбет“, а неговото присуство на промоцијата во Москва предизвика многу негативни реакции во Италија.
Пирло бил на промоцијата која се одржа среде најжестоките напади врз Украина и во друштво на поранешниот руски репрезентативец Артем Џуба, кој никогаш не се дистанцираше од потезите на државното раководство во однос на нападите врз Украина.
Поврзаноста на Пирло со руската компанија е преку клубот од Дубаи чиј тренер е во моментов, но и покрај тоа, федерацијата ја активирала својата правна служба за да го истражи случајот и да утврди евентуален проблем при евентуална соработка со поранешниот репрезентативец.
Одолговлекувањето на целата ситуација веќе предизвикува нервоза кај Малдини, кој наводно се заканил со оставка од својата функција, доколку Пирло извиси за селекторската позиција.







