Во време на растечки глобални тензии, љубителите на урбаното истражување на интернет ги привлекоа фотографиите од мистериозен напуштен комплекс – воен команден бункер, кој, според достапните информации, бил изграден за време на Втората светска војна под германска окупација, а подоцна, во текот на Студената војна, бил пренаменет во таканаречен бункер за тревога.
Фотографиите објавени на „Reddit“ прикажуваат девастиран простор покриен со отпад, но неговата внатрешност и понатаму крие исклучително добро сочувани технички детали. Во центарот на инсталацијата се наоѓаат два масивни стаклени панели со карти, осветлени со препознатлива сина светлина, кои некогаш служеле за следење на состојбата на терен и координација на силите.
„Изгледа како сцена од научнофантастичен филм“, се согласија многумина.

Меѓу деталите што предизвикаа најмногу дискусии на социјалните мрежи е и контролната табла со нивото на борбена готовност – таканаречената „Readiness Condition“, испишана на англиски јазик.
„Чудно е што таблата за состојбата на готовност е на англиски“, забележа еден од корисниците во дискусијата.
Авторот на објавата набрзо понуди објаснување: „Од британско или американско производство. На ист начин како што голем дел од опремата од времето на Втората светска војна всушност е на германски јазик.“
Обемна програма за модернизација
Иако објектот снимен на фотографиите денес е затворен за јавноста и препуштен на забот на времето, приказната за него доаѓа во момент кога опасноста од воени конфликти повторно го насочува вниманието на јавноста кон подземните засолништа.
Во услови на сè поопасно заострување на односите меѓу Западот и Русија – особено во регионот на Арктикот и Северното Море – концептот на масовна подземна заштита доживува големо оживување. Норвешка, која со Русија дели копнена и морска граница, целосно ја трансформира својата одбранбена стратегија.
По завршувањето на Студената војна, многу нуклеарни бункери и воени тунели низ Скандинавија беа распродадени или напуштени. Меѓутоа, норвешките власти сега спроведуваат обемна програма за модернизација и повторно ставање во функција на стотици подземни објекти.

Примарна линија на одбрана
Меѓу најпознатите примери е Поморската база Олавсверн – огромен подземен комплекс, вкопан длабоко во карпите во близина на Тромзе, со можност за прием на подморници и воени бродови. Во тек е и обновата на воздухопловната база Бардуфос – планински хангар во кој денес се сместени најсовремените борбени авиони „F-35“.
Кога станува збор за цивилните засолништа, постои мрежа од повеќе од 18.000 локации, наменети за заштита на цивилното население од потенцијални воздушни и нуклеарни напади. Напуштените објекти, како оној прикажан во објавата на „Reddit“, повеќе не се само потсетник на минатото и цел на авантуристите. Современите воени проценки покажуваат дека масивните бетонски ѕидови и длабоките карпи наскоро повторно би можеле да станат примарна линија на одбрана на северот на Европа.














