[ВИДЕО] Купил напуштен остров за „ситни пари“ и создал сопствен рај: Денес живее без струја и вода, дури и на -35 степени

Точка

20/07/2026

13:35

2.082

Големина на фонт

а а а

Клаус по поволна цена купил пуст остров во Финска, кој 42 години бил напуштен, на 63. степен северна географска ширина. Заедно со својата партнерка Јохана, рачно обновиле стогодишна дрвена куќичка, а денес живеат целосно надвор од современата инфраструктура – без струја и водовод, соочувајќи се со сурови зими кога температурата се спушта и до минус 35 степени.

Постојат луѓе кои купуваат станови, а постојат и оние што купуваат цел остров. Финецот Клаус ја избрал втората опција – купил напуштен остров што повеќе од четири децении бил празен и го претворил во свој дом, како што е прикажано во документарецот на каналот „Kirsten Dirksen“.

Таму тој и неговото семејство живеат целосно самоодржливо, а приказната за тоа како стигнале до таков начин на живот е навистина импресивна. Според порталот „Faircompanies“, Клаус и неговата партнерка Јохана обновиле повеќе од сто години стара дрвена куќичка на напуштен остров со површина од 1,5 хектари. Живеат без струја, на 63. степен северна географска ширина, каде што зимските температури достигнуваат и до -35 степени.


Но, ова не е приказна за откажување од удобностите, туку за снаодливост. Наместо да купува готови материјали и решенија, Клаус ги искористил дрвјата на островот и ја обновил куќичката дел по дел, покажувајќи дека во Финска може да се изгради дом со малку пари, но со многу труд и самостојност.

Дал многу ниска понуда – веднаш била прифатена

Клаус го напуштил Хелсинки во потрага по поинаков начин на живот, а токму на овој напуштен остров го пронашол својот животен проект.

Купувањето било речиси случајно. Тој дал „многу ниска“ понуда за островот, а сопственикот веднаш ја прифатил. Како што раскажува Клаус, оваа купопродажба му ја „испразнила банкарската сметка“, но за возврат добил цел остров опкружен со вода.

Продавачот имал своја причина. Како единец, бил роден токму на тој остров во 1946 година, но решил да го продаде бидејќи немал наследници. Така завршила едно семејно поглавје што траело со децении, а започнала нова приказна за младиот пар.

Иако мал, островот бил сосема доволен. На своите 1,5 хектари Клаус пронашол сè што му било потребно – дрвја, простор и мир – за да ја обнови старата дрвена куќичка и да создаде дом далеку од градската врева и секојдневните сметки.

Да се стигне до островот е вистинска авантура. Во лето, патувањето со чамец трае околу пет минути, додека во зима, кога езерото замрзнува, се користат моторни санки. Токму таа изолираност дополнително ја поттикнала нивната желба за самостоен начин на живот.

Островот бил напуштен 42 години

Кога Клаус го купил островот, глетката воопшто не била ветувачка. Затекнал повеќе од еден век стара дрвена куќичка со урнат покрив, скапани дрвени греди и шума што целосно го презела просторот по 42 години без жители.

Од минатото останале само неколку траги – темелите на старата куќа, потемнетите дрвени трупци од сауна изградена во 1946 година и доградба од крајот на 19 век.

Додека повеќето луѓе би виделе руина што треба да се урне, Клаус видел почеток на нов дом. Наместо сè да срамни со земја и да почне од почеток, одлучил да го искористи она што останало и да ја обнови куќата, почитувајќи ја нејзината историја.

Обнова на дрвената куќичка

Главниот градежен материјал било дрвото. Клаус, кој е партнер во мала пилана, сече дрвја од островот и од околните шуми, ги обработува стеблата и ги остава да се сушат две години пред да ги искористи за изградбата.

Методот е традиционален и целосно рачен. Тој го користи финскиот систем за спојување на дрвени трупци, при што секое парче внимателно го обликува со секира. За обработка на еден трупец му се потребни околу час и половина работа, а речиси ништо не се фрла.

Само седум дрвја од островот биле претворени во околу 70 квадратни метри дрвен под. Покривот го чинел само 400 евра, додека прозорците и мебелот ги набавил половни.


Дури и ѕидовите се направени од природни материјали. Внатрешноста е обложена со глина и песок што Клаус ги пронашол на самиот остров. Овие материјали ги затвораат пукнатините, ја регулираат влажноста и помагаат куќата подолго да ја задржува топлината.

По години работа, дрвената куќичка е речиси целосно обновена и претставува доказ дека и стара руина може да се претвори во функционален дом со користење локални ресурси и рециклирани материјали.

Живот без струја и вода

Енергијата ја произведуваат сами. Во текот на летото, соларните панели обезбедуваат доволно електрична енергија за фрижидерот и индукциската плоча за готвење, додека батеријата се чува во единствената загреана просторија за да не замрзне.

Во зима главната улога ја има дрвото. Клаус користи масивна печка тешка дури три тони. Ја ложи неколку часа, а потоа таа ја одржува топлината во куќата речиси два дена.

На островот нема водовод. Водата за пиење ја земаат од извор или ја носат од градот, додека за миење користат вода од езерото и бунар што самите го направиле.

Ништо не се расфрла. Отпадната вода од миењето се слева во камен филтер, а користат исклучиво природни сапуни без хемикалии за да не ја загадуваат околината.

Комбинирајќи ја сончевата енергија, дрвото и водата од езерото, Клаус создал дом што функционира во текот на целата година без никаква помош од комуналните системи.

Храна од шумата, мед и домашен леб

Клаус самиот пече леб. Бидејќи пченицата тешко успева толку далеку на север, одгледува 'рж – основната состојка на традиционалниот фински темен леб – и пече леб од кисело тесто во печка на дрва.

Двојката има и пчелни кошници, а собира и чага – лековита печурка што расте на брезите и ја користи за подготовка на чај.

За чување на храната користат природен подрум вкопан во земја, кој останува ладен во текот на целата година. Во зима, дури и замрзнатиот влез во куќата служи како природен фрижидер.

Рибата е дополнителен подарок од природата – постар сосед често им дели дел од својот улов.

Како изгледа животот на -35 степени?

Зимата, очекувано, е најголемиот предизвик. На островот температурите се спуштаат и до -35 степени, па куќата мора да биде одлично изолирана и постојано загревана со дрва.


Посебен проблем настанува кога езерото е во преодна фаза меѓу вода и мраз. Тогаш не може да се стигне до копното ниту со чамец, ниту со моторни санки, па двојката привремено останува целосно отсечена од светот.

Сепак, куќата е прилагодена на екстремниот студ. Ѕидовите обложени со глина ја задржуваат топлината, огромната печка ја одржува температурата со денови, а загреаната просторија ги штити батериите и опремата од замрзнување.

Во текот на зимата предизвик претставува и темнината. Деновите се многу кратки, сончевата енергија е речиси недостапна, па парот мора внимателно да го планира користењето на секој ресурс.

Сепак, токму таа сурова природа го прави ова место посебно. Додека во зима островот е покриен со снег и мраз, во лето го осветлува полноќното сонце.