Бизарен случај во европска држава: Градоначалник се тужел самиот себе - нема да поверувате каков му е планот

Точка

23/07/2026

18:40

394

Големина на фонт

а а а

Необичен правен случај во Романија привлече големо внимание во тамошната јавност.

Имено градоначалникот на општината Гринду во округот Јаломица, Маријан Тримбикасу, поднел тужба во која практично се нашол и во улога на тужител и во улога на тужен, пишува „Observatornews.ro“. Како физичко лице го тужел „градоначалникот на општина Гринду“, односно функцијата што самиот ја извршува, барајќи зголемување на својата плата и нејзино усогласување со важечките законски прописи.

Тримбикасу тврди дека целта на тужбата не е само зголемување на неговите примања, туку и заштита на интересите на вработените во општинската администрација. Според него, платите на службениците се поврзани со платата на градоначалникот, па евентуалното усогласување на неговата заработка со законот би овозможило и зголемување на платите на осум општински службеници и на заменик-градоначалникот. Тој наведува дека неговата плата и понатаму се пресметува според минималната плата од 2019 година, иако законскиот минимум во меѓувреме повеќепати бил зголемен.

Меѓутоа, правните експерти сметаат дека, дури иако го добие спорот, пресудата ќе важи исклучиво за него како тужител, а не автоматски и за останатите вработени во општината. Дополнителна забуна предизвика и изјавата на заменик-градоначалникот, кој рекол дека воопшто не бил запознаен со покренувањето на постапката.

Според неговиот имотен лист од 2024 година, Тримбикасу годишно заработувал повеќе од 93.000 романски леи (17.770 евра), додека дополнителни 10.000 леи (1.910 евра) остварил од пчеларство. Во судските поднесоци наведува дека неговата бруто месечна плата претходно била зголемена од 8.320 леи (2020) на 9.660 леи (2024), вклучувајќи и додаток од 45 отсто поради раководење со европски развојни проекти. Сепак, тврди дека платата не е целосно усогласена со подоцнежните измени на законот за минимална плата, поради што од судот бара пресметка на разликата и исплата на заостанатите примања.

Случајот предизвика бројни реакции во романските медиуми, пред сè поради апсурдната ситуација во која истото лице формално се појавува и како тужител и како тужен, иако градоначалникот тврди дека тоа е единствениот правен начин да ја оспори висината на својата службена плата пред суд.